Connect with us

Регион

Нови партии во Грција во пресрет на парламентарните избори следната година

Во пресрет на парламентарните избори во Грција, што ќе се одржат за една година, во следните денови ќе бидат соопштени две нови партии – една на поранешниот премиер Алексис Ципрас, другата на поранешната претседателка на Здружението на роднините на жртвите од железничката несреќа кај Темпи, Мариа Каристиану – две партии што се најавуваа подолго време, а во изминатиот период беа вклучени и во истражувањата на јавното мислење во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас, својата партија официјално ќе ја презентира следниот вторник, на 26 мај, додека пак претставувањето на партијата на Каристиану е закажано за в четврток во Солун.

Иако ниту Ципрас, ниту Каристиану ги немаат отворено картите за тоа каква програма и какви позиции ќе имаат нивните партии, сепак со оглед на тоа што станува збор за јавни личности и познати во земјата, веќе се вклучени во анкетите за медиумите, но без да се мери нивниот рејтинг, туку колкава е веројатноста анкетираните да гласаат за овие партии.

Резултатите на последните две анкети, покажуваат дека во однос на можноста граѓаните да гласаат за „партијата на Алексис Ципрас“, позитивен или веројатно позитивен став имаат од 17 до 20 проценти од испитаниците, додека меѓу 53 и 71 отсто ја исклучуваат оваа можност.

За „партијата на Каристиану, од 15 до 21 отсто од испитаниците изјавуваат дека размислуваат да ја гласаат на изборите, наспроти 65 проценти кои категорично се против оваа опција.

Каристиану – од „мајката од Темпи“ до лидер на партија

Мариа Каристиану, педијатар по професија, ја загуби 19-годишна ќерка во железничката несреќа во 2023 година и заедно со други роднини на жртвите, го формираше Здружението „Темпи 2023“, а како претседателка имаше голема поддршка од Грците во битката за правда и во Грција ја нарекуваа и „мајката од Темпи“.

За да ја истакне битката на оние кои ги загубија нивните најблиски одржа говори одржа и во Европскиот Парламент и беше симбол на движењето и оваа борба, но и голем критичар на актуелната власт.

Во изминатата година сè погласни беа шпекулациите дека се подготвува да влезе во политика, преку формирање партија, нешто што првично самата го демантираше, но во јануари годинава во интервју за грчка телевизија ја најави партијата, по што членовите на здружението од неа побараа и објаснувања, но и оставка.

Откако и официјално си поднесе оставка од движењето, започнаа подготовките за новата партија, што официјално ќе биде соопштена и промовирана в четврток во Солун.

„На 21 мај, сите заедно со надеж за нов почеток!“, напиша Каристиану на социјалните мрежи најавувајќи го датумот за соопштување на нејзината партија.

Вчера, заедно со нејзините соработници собираа потписи за декларацијата за основање што ќе се достави до Врховниот суд, а реакции во Грција предизвика фактот што дел од партијата ќе бидат и лица поврзани со Русија, односно новинар кој е дописник од Москва и се смета дека има проруски ставови, како и бизнисмен, кој е и претседателот на грчката заедница во Санкт Петербург.

Дел од јавно изразените ставови на 53-годишната Каристиану, особено за абортусот, дека претставува „прашање за јавна дебата“ што треба да биде разгледано од страна на општеството, предизвикаа силни политички и општествени реакции, по што појасни дека нејзините изјави се однесувале на социјалните причини и биле погрешно интерпретирани.

Со овие ставови и со оглед на тоа што нејзината најблиска соработничка и „десна рака“, адвокатката Мариа Грациа беше пратеничка со крајно десничарската партија Демократското патриотско народно движење „Ники“ (Победа), прогнозите во Грција се дека партијата на Каристиану би имала (радикално) десничарска ориентација.

Нов почеток за Ципрас

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас по изборниот пораз пред три години, кога неговата партија СИРИЗА загуби со над 20 отсто разлика од владејачката Нова демократија, си поднесе оставка од позицијата претседател на левичарската партија, но продолжи да биде пратеник сè до октомври 2025 година кога се повлече и од оваа позиција,

Тогаш, започнаа и сценаријата дека подготвува своја партија, што сега и се потврдуваат.

Во меѓувреме, ја издаде неговата книга „Итака“, одржа низа промоции низ цела Грција и беше активен преку неговиот Институт.

Во изминатите денови преку куси видеа на социјалните мрежи (индиректно) го најави формирањето партија, прво со видео „во март беше рано“, потоа со друго „во септември ќе биде доцна“, за утрово да објави ново со пораката „ниту рано, ниту доцна, сега е време“ заедно со две деца со дресови што на грбот ги имаат бројките 26 и 5, што (веројатно) укажува на 26 мај, денот кога и официјално ќе ја промовира партијата.

Останува отворено прашањето дали дел од неговите поранешни сопартијци, како од СИРИЗА, така и од (сега веќе распадната) Нова левица, ќе бидат дел од новата партија на Ципрас.

Ципрас 15 години беше лидер на СИРИЗА, а во периодот од јануари 2015 година до јули 2019 година додека партијата беше на власт, беше премиер на Грција.

Уште еден поранешен грчки премиер, но од редовите на Нова демократија, Андонис Самарас, кој во ноември 2024 година беше избришан од партијата, според шпекулациите во Грција, не е исклучена можноста да формира своја партија.

Партиите на Каристиану и Ципрас, судејќи според истражувањата на јавното мислење во Грција се чини дека не претставуваат „закана“ за владејачката Нова демократија која е стабилна на првата позиција со над 10 отсто пред ПАСОК, но може да играат улога во однос на тоа која партија ќе биде втора политичка сила во земјата.

Парламентарните избори во Грција се очекува да се одржат следната пролет, на крајот на четиригодишниот мандат на Нова демократија, а според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, најдоцна до мај 2027 година, до оглед на тоа што од 1 јули истата година земјата го презема претседателството со ЕУ и целта е дотогаш да постои стабилна Влада.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1