Скопје
Повеќе од 4.500 учесници од Македонија и странство дел од годинешната „Прв до врв“
Со мотото „Сите на Водно!“ викендов се одржа 14-тото издание на спортската манифестација „Прв до врв“, која и оваа година го претвори Водно во најголемата спортско-рекреативна сцена во земјата. Со повеќе од 4.500 учесници од Македонија и странство, настанот уште еднаш ја потврди својата позиција како најмасовно организирано планинско искачување во регионот и еден од најзначајните спортски настани на отворено кај нас – соопшти организаторот.
Во петте натпреварувачки категории планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, е-бајк трка и тим-билдинг трка за компании, се додава во соопштението, учесниците покажале спортски дух, издржливост и силна мотивација, но пред сè испратија моќна порака за заедништво, здрав живот и позитивна енергија.
– Веруваме дека улогата на бизнис-секторот е да биде активен двигател на позитивни промени – да создава вредности, да поттикнува заедништво и да инвестира во иницијативи што носат позитивни промени и поддржуваат здрави генерации. Затоа и сме дел од приказна „Прв до врв“ – изјавила Ивана Петревска, директорка на Дирекцијата за маркетинг и комуникации во Шпаркасе банка, кои се поддржувачи на манифестацијата.
Победници во годинешното издание во трката планинско трчање, во машка конкуренција, прв до врв беше Ивајло Атанасов од Бугарија, а во женска конкуренција најбрза беше Благица Јованова. Во категоријата планински велосипедизам кај мажите победи Петар Колеќевски, а кај жените прва до целта пристигна Маја Илиевска.
Во друмски велосипедизам најбрз во машка конкуренција беше Константин Костоски, а кај жените триумфира Елена Петрова.
Во е-бајк категоријата најбрзи беа Дарко Блажески и Елена Зарковска.
Во тим-билдинг трката првото место го освои тимот на „ВДЛ Ван Хол Македонија“, второто место Axapta Masters, а третопласирани беа ИПА Скопје.
Покрај спортскиот дел, беше понудена целодневна програма исполнета со музика, забава, наградни активности и релакс-зони за посетителите. Релакс-зоната беше едно од најпосетените места на настанот, каде што учесниците уживаа во освежување, ладно цедени сокови, сладолед и атмосфера создадена за дружење и полнење енергија по трката.
Беа доделени и вредносни ваучери за спортска опрема во износи од 100, 200 и 300 евра, дополнително мотивирајќи ги присутните да продолжат да инвестираат во активен и здрав животен стил.
Следното издание на „Sparkasse Life Прв до врв“ е најавено за 16 мај 2027 година.
До тогаш – да продолжиме да се движиме, да се инспирираме и заедно да го освојуваме секој нов врв.
мај 18, 2026
