Connect with us

Скопје

ПОЦ воспоставува нов систем на паркирање во Центар

Со последните одлуки на Советот на Општина Центар, во оваа општина се воспоставува нов систем на паркирање, во кој јавниот простор ќе се користи порационално, а жителите полесно ќе може да дојдат до паркинг-место во близина на својот дом, односно таму каде што тоа е најпотребно.

Како што информираат од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, една од најважните промени е новиот начин на издавање на повластените паркинг-карти. Наместо како досега – по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Со новите правила секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило, за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.

Од ПОЦ посочуваат дека со новиот систем се очекува да се намалат злоупотребите, да се стимулира користењето на жителските гаражи и паркинг-места и да се овозможи поефикасно користење на постојните капацитети, особено во населби како Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и потесното централно подрачје, каде што притисокот врз јавниот простор е најголем.

Според ЈП ПОЦ, токму досегашниот модел создавал сериозен дебаланс во користењето на јавниот простор. Во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат и повеќе возила под повластени услови за бесплатно паркирање или паркирање со минимален надоместок, што дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг-капацитет.

– Паркинг-просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, а други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг-просторот постојано расте бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен. Затоа воведовме систем што треба да обезбеди поправедна распределба на просторот, побалансирани услови за сите жители и одржливост на системот за паркирање – велат од претпријатието.

Од ПОЦ објаснуваат дека ова не е мерка за ограничување, туку начин да се воведе баланс и одржливост во користењето на јавниот простор. Новите правила, како што посочуваат, имаат и поширока урбана цел – намалување на сообраќајниот метеж и поттикнување порационално користење на возилата.

– Кога јавниот простор се користи без јасни правила, добиваме нерамномерно користење, непрописно паркирање и дополнителен метеж. Со воведување пофер систем сакаме да создадеме пофункционален градски простор и подобар квалитет на живот за сите граѓани – додаваат од ПОЦ.

Паралелно со реформите, ЈП ПОЦ најавува дека средствата ќе бидат ставени во функција на инвестиции за обезбедување повеќе паркинг-места, проширување и подобро искористување на постојните капацитети, како и за модернизација и дигитализација на услугите, унапредување на паркинг-инфраструктурата и подобрување на контролата и наплатата.

Од претпријатието порачуваат дека крајната цел е создавање современ, функционален и долгорочно одржлив систем на управување со паркирањето, кој ќе овозможи повеќе ред, помал притисок врз јавниот простор и поквалитетно урбано живеење во Центар.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1