Култура
Хорскиот фестивал ТЕХО по 35-ти пат ќе се одржи викендов во Тетово и Лешок – годинава е посветен на православната музика
Меѓународниот хорски фестивал Тетовски Хорски Одзиви (ТЕХО) по 35-ти пат ќе биде одржан викендов во Тетово и во Лешок. Хорскиот фестивал оваа година фестивалот е посветен на православната хорска музика и ќе обедини хорови од четири држави. Ќе бидат исполнети 90 композиции од вкупно 13 хорови од кои три се од други држави, а останатите од повеќе градови во Македонија.
– Овогодишното ТЕХО е традиционално и духовно воздигнување на музиката токму заради тоа е одбрано да се случува на две посебни локации. Соборниот храм Свети, Свети Кирил и Методиј во Тетово, во петок и сабота 15 и 16 мај со почеток од 19 часот. Во недела 17 мај ТЕХО ќе се одржи во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок поточно во Духовно културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ со почеток во 12 часот. Сите љубители на хорската музика се поканети да дојдат, изјави Милена Илиевска, од хорот Менада на денешната прес-конференција.
Ова издание на ТЕХО е под мотото „Гласови на православието“ – хоровите кои ќе настапат, негуваат православна духовна музика и ќе изведат композиции кои се создадени во повеќе векови наназад.
– Задоволството е огромно да одбележува еден фестивал сега повеќе од пола век. Тоа се 53 години опстојување и ова е 35-ти фестивал во градот под Шара. Град којшто живее за хорска музика. И минатото зборува дека Тетово бил двигател на хорската музика на овие простори и продолжуваме точно во тој контекст. Беа поканети 15 хора, но два хора не се во можност да присуствуваат на овој фестивал. Јас како селектор извршив избор на хорови кои негуваат православна – духовна музика и од Македонија ќе настапат десет хора, додека три состави од соседството, истакна претседателот на фестивалот, диригент Ивица Зориќ.
Фестивалот ќе го отворат домаќините, детскиот хор Лале со диригентката Теодора Ветероска, а градскиот женски хор Менада ќе настапи во неделата во Лешок.
мај 14, 2026
