Култура
Во прилепскиот театар се подготвува претставата „Девојките на Марко“
Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во тек се подготовките за новата претстава „Девојките на Марко“ според Боинг Боинг од Марк Камолети во режија на Синиша Ефтимов. Во претставата е ангажиран поголемиот дел од ансамблот на Театарот.
„Девојките на Марко“ е текст напишан пред 60 години и до ден-денес успешно „живее“ на сцените низ светот. Овој текст влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмногу поставуван француски текст воопшто.
Според режисерот Синиша Ефтимов, во прилепската верзија на „Девојките на Марко“ дејството е современо и модерно.
– Заплетот ќе биде многу едноставен и проектиран околу животот на еден успешен млад човек, Марко, неговите проблеми со три девојки, со кои тој се забавува, во прецизно време, внимателно испланирано за тие никогаш да не се сретнат. Сите три се стјуардеси со свои планови за летање, кои не се поклопуваат, но тоа не трае вечно. Претставата ќе биде за ведрата страна на животот, за пријателствата, нивните значења во моментите кога го одредуваат патот во остатокот од животот, вели режисерот Ефтимов.
Премиерата ќе биде кон крајот на мај. Ова ќе биде втора премиера, по неодамнешната на претставата „Саатот“ од годинашнава програма на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.
мај 14, 2026
