Connect with us

Култура

Премиерата „Чичко Кумплунг“ во режија на Јани Бојаџи, вечерва ќе се игра во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово

Кумановци вечерва ќе имаат можност ја ја проследат премиерата „Чичко Кумплунг“ од Сашко Насев, во режија на Јани Бојаџи, со почеток во 20 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“. Во претставата играат Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ.  Директорката на установата, Јоана Сарафимовска, на прес конференцијата информираше дека станува збор за прва премиера во 2026 година од годинешната програма на Театар Куманово.

Режисерот Јани Бојаџи рече дека ова е прва сценска изведба на македонската драма.

– Станува збор за текст кој прво бил филмско сценарио, а потоа прераснал во театарска претстава. Ова е прва изведба на македонска драма на сцената на Кумановскиот театар и тоа претставува дополнително задоволство и за мене и за ансамблот. Без македонска драматургија не може да постои национален театар, а без национален театар нема национална кинематографија и култура, изјави Бојаџи.

Тој кажа дека претставата отвора прашања за состојбите во македонското општество, семејното насилство, политичките и социјалните односи и чувството на самоуништување. Процесот на работата бил креативен оцени режисерот, кој вели дека ги познава актерите, бидејќи и претходно соработувал со театар Куманово. Актерката Александра Михајловска Величковска истакна дека го толкува ликот на Вилма, средношколка која поради наивност влегува во ризични ситуации што оставаат сериозни последици врз нејзиниот живот.

– Ликот минува низ пресврт, принуден побрзо да созрее и да се справи со суровоста на системот и опкружувањето, рече Михајловска Величковска.

Актерот Владо Дојчиновски, кој го игра ликот на инспекторот Цацко, посочи дека неговиот лик е симбол на појавите што со години го разоруваат општеството.

– Станува збор за лик составен од многу „цацковци“ што постојат во реалноста и кои свесно или несвесно придонесуваат за самоуништување на општеството, рече Дојчиновски.

Актерката Кети Дончевска Илиќ нагласи дека работата на македонска драматургија е особено важна, бидејќи домашните автори пишуваат за локалните луѓе, проблеми и секојдневие.

– Македонската драматургија е блиска до нас затоа што зборува за нашите семејства, нашите соседи, нашите проблеми и нашето време. Задоволство е што Кумановскиот театар го негува тој тренд и им дава простор на македонските автори, истакна Дончевска Илиќ.

Актерите кажаа дека претставата носи силна порака и претставува огледало на реалноста. Првата реприза е закажана за 15 мај, петок.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1