Регион
Самит Албанија – Израел за кибербезбедноста, Рама: Денеска имаме различно ниво на кибер одбрана благодарение на соработката со Израел
Албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на самитот Албанија-Израел, на кој учествуваат околу 40 иновативни израелски компании, со фокус на кибербезбедноста и технолошкиот развој во Албанија и регионот, ги пофали односите меѓу двете земји, нагласувајќи ги историските врски меѓу двата народа.
Тој, исто така, се осврна на иранските кибернапади врз Албанија, поврзувајќи ги со засолништето што Тирана им го даде на неколку илјади членови на иранската опозиција. Според него, иранскиот режим реагирал на оваа акција со напаѓање на дигиталната инфраструктура на Албанија и системот за онлајн услуги изграден со години.
Додаде дека „кибербезбедноста беше откриена на тежок начин, како резултат на нашето гостопримство, зашто им отворивме врата на илјадници претставници на иранската опозиција“.
-Не го направивме тоа поради некаков политички мотив или за да им дадеме платформа да се борат од Албанија против режимот таму, туку затоа што нивните животи беа во опасност и никој не сакаше да ги спаси. Ги отворивме вратите, ги спасивме и склучивме договор дека можат да живеат и да ги одгледуваат своите деца во Албанија подалеку од каква било опасност онолку долго колку што е потребно. Кибернападите дојдоа како одмазда од иранскиот режим кој не можеше да го издржи ова и го нападна она што го градевме со години за да ги префрлиме услугите од корумпиран систем базиран на мито, во брз и транспарентен систем без такси, онлајн услуги, посочи тој.

Според него Албанија е земја со 95 проценти од услугите што се обезбедуваат онлајн, во и надвор од земјата а токму ова било цел на иранските напади, да го уништат, за да ја вратат земјата во темните векови на јавните услуги на пониско ниво.
-Го прогласивме Иран за терористичка држава, но денеска имаме различно ниво на кибер одбрана благодарение на соработката со Израел и израелските таленти. Направивме грешки и научивме од нив. За Евреите, Албанија е дом и сака да остане таков. Што и да мислат Албанците за вашите политики и влада, едно е сигурно, во Албанија нема антисемитизам, порача Рама на крајот од обраќањето.
Шефот на албанската влада нагласи дека Албанија останува земја без антисемитизам и се чувствува како втор дом за Евреите.
-За мене, секогаш е добра вест кога Евреин доаѓа во нашата земја. Сакам да им се заблагодарам на сите што беа вклучени во оваа организација бидејќи колку повеќе го познавам Израел, толку повеќе разбирам дека не е лесно да се соберат многу Израелци. Силно веруваме во односот меѓу двете земји, не само поради нашата историја, создадена во најтемните времиња за еврејскиот народ. Албанските муслимани се однесуваа кон Евреите како кон сестри и браќа и ги ризикуваа своите животи за да ги заштитат, рече Рама.
мај 12, 2026
