Регион
Дендиас: Украински е поморскиот дрон пронајден кај Лефкада – прашањето е исклучително сериозно
Украински е поморскиот дрон што минатата седмица беше пронајден во Јонското море во близина на грчкиот остров Лефкада, соопшти министерот за национална одбрана на Грција, Никос Дендиас при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел и притоа посочи дека „станува збор за исклучително сериозно прашање што влијае врз слободата и безбедноста на пловидбата“, јави дописничката на МИА од Атина.
Поморскиот дрон што, според медиумите во Грција имал околу 100 килограми експлозивен материјал, во петокот, го пронајдоа рибари во пештера во морскиот дел јужно од грчкиот остров Лефкада.
– Особено, ќе имам можност да ги информирам моите колеги, како и министерот за одбрана на Украина кој учествува преку видеоконференција, за податоците поврзани со дронот што го уловивме во Грција, еден УСВ, за кој сега со сигурност знаеме дека е украински УСВ. Разбирате дека присуството на овој УСВ, на овој поморскиот дрон, влијае врз слободата на пловидбата, а исто така и врз безбедноста на пловидбата. Ова е исклучително сериозно прашање, истакна Дендиас.
Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на извори од Министерството за одбрана на Грција пишува дека украинскиот министер за одбрана рекол дека ќе го истражи случајот.
За поморскиот дрон и шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис вчера коментираше дека станува збор за „особено сериозен инцидент“ и ги информирал неговите колеги од ЕУ на вчерашниот Совет за надворешни работи на Унијата.
– Станува збор за особено сериозна разврска. Во моментов во тек е истрага на Генералштабот за инцидентот. Кога истрагата ќе заврши и ќе се утврдат неопходните технички карактеристики, ќе постои реакција од грчката Влада со потребните демарши. Сепак, би сакал да нагласам дека Грција нема да дозволи развој на воени дејствија во поширокиот регион на Медитеранот, а особено кон грчката страна. Ова создава огромна опасност за слободата на пловидба, како и безбедноста на граѓаните и животната средина. Грција ќе ги преземе сите неопходни чекори за целосно да гарантира дека Медитеранот нема да стане сцена на воени операции, порача вчера Герапетритис.
мај 12, 2026
