Connect with us

Култура

„Како вода за чоколада…“ – самостојнаа изложба на Валентина Поцеска во Чифте амам

„Како вода за чоколада…“ е насловена самостојната изложба на Валентина Поцеска, која вечер од 20 часот ќе биде отворена во галеријата Чифте амам. Ќе бидат претставени 60-ина дела, кои авторката ги изработила од 2020 до 2026 година.

-Во основата на постапката на сликање е комбинираната техника или постапка на градење на слоевитоста на секое дело, која започнува со колажот, кој е комбиниран и „зачинет“ со боја (масло и акрил), форми, линии, кафе, восок, при што ниту еден од овие елементи не е случаен, туку, како линеарните симболи на четирите елементи, секој одделно и сите заедно се носачи на пошироки значења. Поцеска на извесен начин го апострофира автобиографскиот момент во сликите колажи, не само преку личните писма и меморабилии. Воедно, врз речиси монохромна основа, преку извесна постапка на интертекстуалност, таа ги имплементира сознанијата од личните професионални определби и усовршувања во областа на културологијата, културното наследство, специјализацијата по арапска калиграфија, конзервацијата на икони, реставрацијата на фрески и ѕидно сликарство, се наведува, меѓу другото,  во освртот за изложбата, која ќе може да се посети до 25 мај. 

Валентина Поцеска (1965, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство, во класата на проф. Димитар Кондовски. На Институтот за македонска литература при УКИМ завршила магистерски и докторски студии по културологија. Има остварено неколку студиски престои: специјализација по арапска калиграфија на факултетот „Мимар Синан“ во Истанбул, конзервација на икони во Византискиот музеј во Атина, управување со музејски збирки – Централен институт за конзервациј во Белград, реставрација на фрески и ѕидно сликарство во Instituto per L`Arte e il Restauro Palazzo Spineli во Фиренца, Италија.

Од 1992 година работи во ателјето за конзервација на икони во Националниот конзерваторски центар – Скопје. Има остварено неколку самостојни изложби и објавено повеќе трудови од областа на заштитата на културното наследство, од кои најзначаен труд е книгата „Конзервација: теорија и практика“ од 2019 година. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1