Connect with us

Култура

„Без повод за поводи“ – нова книга на Иван Антоновски за современата македонска книжевност

„Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици.

Книгата е дел од јубилејната издавачка продукција со која „Матица македонска“ одбележува 35 години постоење, потврдувајќи ја својата мисија да објавува дела што не се само дел од тековната книжевна продукција, туку и траен влог во македонската културна, книжевна и научна мисла.

Во рецензијата за книгата, универзитетскиот професор, книжевен истражувач и поет, Веле Смилевски истакнува дека поводот за „Без повод за поводи“ е самата книжевност – „нејзините естетски дострели, нејзините значења, нејзините пораки“. Според него, ова дело е „резултат на авторовите силно мотивирани и задлабочени естетички, критичко-теоретски и книжевно-историски проникнувања во развојните процеси на современата македонска книжевност“.

Смилевски нагласува дека студиите на Антоновски се конципирани „под знакот на искуствена истражувачка доминанта“, како израз на „посебна и препознатлива критичарска свест“. Според неговата оценка, во книгата е препознатлива „широка, но во суштина синтетичка критичко-теориска основа“, која ги поврзува научната аргументација, критичката прецизност и креативната енергија на една модерна книжевна критика.

„Без повод за поводи“ од Антоновски содржи 23 студии, распоредени во пет целини, поврзани со книжевни, културни и јубилејни контексти од периодот 2021–2025 година. Но, иако дел од текстовите произлегуваат од конкретни годишнини, настани и книжевни поводи, книгата не останува во рамките на пригодното. Напротив, поводот овде е само почетна точка за подлабоко, аналитичко и одговорно враќање кон текстот.

Во авторскиот предговор, Антоновски ја формулира основната идеја на книгата со ставот: „Книжевната наука не смее да се движи според календарот. Ако интерпретацијата започне од датумот, таа ризикува да заврши со него.“ Оттука, оваа книга се поставува како спротивност на брзиот пригоден говор: таа не нуди моментна културна реакција, туку продлабочено читање, проверка, споредување, преиспитување и вреднување.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1