Connect with us

Економија

Мицкоски: Неделава тендер за гасоводот со Србија

Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на Владата, коридорите 8 и 10 се стратешки за државата од многу аспекти и затоа тоа е наш најголем приоритет – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски при увидот на активностите за изградба на автопатот Гостивар – Букојчани. 

Мицкоски очекува дека набргу ќе се пушти во употреба преостанатиот дел од автопатот Кичево – Охрид, како и гасоводот што треба да нè поврзе со Грција во првата половина од следната година. Информира и дека неделава ќе се објави и тендерот за гасоводот со Србија. 

– Изградба на автопатите, на пругата на Коридорот 8, модернизација на пругата на Коридорот 10, односно брзата пруга. Исто така, и енергетското поврзување преку далноводи. Далноводот кон Албанија го рестартиравме. Со другите соседи сме поврзани на висок напон со далноводи, Србија, Косово, Бугарија и Грција, сега останува Албанија, очекувам и тој проект да биде завршен. Кај поврзувањето со гасната инфраструктура, прилично интензивно се гради гасоводот со Грција, а потоа од оваа недела почнуваме со објавување на тендерот за гасоводот кон Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка. Проектот на нафтоводот, кој со децении ‘рѓосуваше и беше оставен на забот на времето, сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата во Скопје – изјави Мицкоски.

Кога сето ова глобално ќе биде завршено, тогаш, потенцира, можеме да кажеме дека сме навистина регионален хаб и оти оттука понатаму ќе се поврзуваат Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, Јадранското и Јонското Море со Црното Море. Тоа е таа стратешка предност што ја имаме како држава.

– Како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти и јас очекувам дека многу бргу ќе можеме  да го пуштиме делот што ќе го поврзува Кичево со Охрид, но истовремено и гасоводот, кој очекувам некаде во првата половина од следната година да ја поврзе нашата земја со јужниот сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот што следува – најави премиерот Мицкоски. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2