Connect with us

Свет

Анкета: Унгарските гласачи бараат посилна климатска политика и заштита на ЛГБТ+ правата

Повеќе од три четвртини од гласачите кои ја поддржале новата унгарска партија Тиса на неодамнешните избори, очекуваат идната влада да преземе посилни мерки во борбата против климатските промени, додека повеќе од 70 проценти поддржуваат заштита на правата на ЛГБТ+ заедницата, покажува новата анкета.

Партијата Тиса, предводена од Петер Маѓар, победи на изборите со што заврши 16-годишното владеење на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес, пренесе „Гардијан“. Маѓар треба да положи заклетва како нов премиер в сабота.

Иако за време на кампањата тој ги избегнуваше јасните ставови за прогресивните општествени прашања, анкетата покажува дека неговата гласачка база има поизразени либерални ставови отколку што претходно се претпоставуваше, особено во областа на заштитата на животната средина и човековите права.

Според резултатите од истражувањето, 77 проценти од поддржувачите на новата власт очекуваат поамбициозна климатска политика, додека 71 процент поддржуваат посилна заштита на правата на ЛГБТ+ лицата, што претставува значителен пресврт во однос на политиките на претходната влада.

Истражувањето, сепак, покажува и поделени ставови во врска со клучните надворешнополитички и енергетски прашања. Мнозинството испитаници се против прекин на увозот на руска енергија, додека поддршката за финансиска и воена помош за Украина и натаму е ниска.

Аналитичарите оценуваат дека новата влада ќе мора да балансира меѓу очекувањата на гласачите кои бараат промени во внатрешната политика и повнимателните ставови на јавноста кога станува збор за надворешните односи. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3