Свет
Навроцки предлага референдум за климатските цели на ЕУ
Претседателот на Полска, Карол Навроцки, побара од Сенатот да им овозможи на граѓаните да се изјаснат за зелениот договор и климатските цели на Европска Унија, што според него само ги зголемува трошоците за живот, цените на енергентите и негативно влијае врз земјоделството.
– Зелениот договор и дозволите за емисии на гас значат повисоки цени за енергентите, ослабување на економската конкурентноста и уништување на земјоделското производство. Ова е од големо значење за полската држава, а за такви прашања, во согласност со Уставот на Полска, гласот му припаѓа на народот – посочи Навроцки.
Тој предлага Полјаците да се изјаснат за последиците од зелениот договор и за ЕТС-системот за дозволи за гас.
Навроцки предлага референдумското прашање да гласи: Дали сте за спроведување на климатската политика на ЕУ, која предизвика кај граѓаните зголемување на трошоците за живот, цените на енергијата и трошоците за земјоделско производство?
Аналитичарите проценуваат дека е малку веројатно барањето на Навроцки да биде прифатено и одобрено од Сенатот, во кој мнозинство има владејачка коалиција, која се стреми да ги ревидира климатските цели и инструментите за нивно спроведување, но барајќи сојузници во рамките на ЕУ, а не уништувајќи го целиот систем на климатска политика.
мај 8, 2026

