Connect with us

Свет

Германската војска со пораст на бројот на нови војници, Писториус најавува реформи

Германската армија бележи напредок во регрутацијата на нови војници, изјави синоќа министерот за одбрана Борис Писториус, пренесува германската новинска агенција ДПА. Оваа изјава доаѓа во време кога Берлин работи на планови за воведување нова форма на воена служба.

– Оваа година имаме позитивен биланс во регрутацијата на војници. Првпат по пет или шест години, повеќе војници се приклучиja на армијата отколку што ја напуштиja, изјави Писториус за телевизијата „Зат Ајнс“.

Сепак, според податоците на Министерството за одбрана, бројот на активни војници во Бундесверот минатата година се намалил за околу 350, достигнувајќи 181.150 војници кон крајот на 2024 година, при што просечната возраст на војниците се зголемува.

Согласно новите цели на НАТО, Бундесверот има за цел да гo зголеми бројот на своите сили на околу 260.000 активни војници и 200.000 резервисти за да одговори на потенцијалните закани од Русија. Зголемувањето на бројот на резервистите се очекува главно преку доброволци кои ќе учествуваат во новата програма за воена служба, чиј почеток е планиран за јануари следната година, доколку биде одобрена од парламентот.

Предлогот за обновување на воената служба, која беше укината во 2011 година, беше одобрен од кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц минатиот месец. Критичарите, меѓутоа, предупредуваат дека моделот базиран на доброволци нема да успее значително да го зголеми бројот на војници и да ги исполни целите поставени од НАТО.