Connect with us

Свет

Аксиос: Иран и САД се приближуваат кон меморандум за завршување на војната

Белата куќа верува дека се приближува кон меморандум за разбирање со Иран што би ја завршил војната и би поставил рамка за подетални нуклеарни разговори, објави денеска Аксиос, повикувајќи се на двајца американски претставници и два други извори запознаени со ова прашање.

САД во следните 48 часа очекуваат ирански одговор за неколку клучни точки, се наведува во извештајот, што предупредува дека сè уште не е договорено ништо, но наведува дека ова е најблиску што двете страни го постигнале од почетокот на војната.

Меѓу другите одредби, договорот од една страница би вклучувал задолжителен мораториум за збогатување на нуклеарен ураниум на Иран, договор на САД за укинување на санкциите и ослободување на милијарди долари замрзнати ирански средства. Ограничувањата за транзит низ Ормуската Теснина од двете страни, исто така, би биле укинати, пишува Aксиос, пренесуваат британските медиуми.

Меморандумот за разбирање од една страница и 14-те точки од предлогот за завршување на војната  се преговараат меѓу американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер и неколку ирански претставници, директно и индиректно, се додава во извештајот.

Меморандумот, во сегашната форма, би го прогласил крајот на војната во регионот и почетокот на 30-дневен период на преговори за детален договор за отворање на мореузот, ограничување на нуклеарната програма на Иран и укинување на санкциите на САД, додава американски Аксиос.

Ограничувањата на Иран за навигација низ морскиот премин и поморската блокада на САД постепено би се укинувале во текот на тој 30-дневен период, рече истиот извор, повикувајќи се на американски функционер кој додаде дека американските сили сè уште ќе можат повторно да ја воведат блокадата или да продолжат со воените дејствија ако разговорите не успеат.

Претходно денеска Иран изјави дека ќе прифати мировен договор само ако е „фер“ откако американскиот претседател Доналд Трамп ја паузираше тридневната поморска мисија задолжена за повторно отворање на Ормуската Теснина, нарушувајќи го едномесечното примирје.

Американскиот Стејт департмент и Белата куќа сè уште не одговорија на барањето за коментар.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2