Регион
Мицотакис и Ал Нахјан го потврдиле стратешкото партнерство меѓу Грција и ОАЕ
Двајцата лидери ја потврдија длабочината на стратешкото партнерство и соработката меѓу двете земји во повеќе области, со акцент на економијата и инвестициите, информираа од кабинетот на грчкиот премиер за средбата на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан во Абу Даби, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации на средбата биле разгледани регионалните случувања, а двајцата лидери „направија преглед на одличните билатерални односи“.
– Премиерот ја изрази неговата осуда за нападите на Иран врз Обединетите Арапски Емирати и ја повтори солидарноста на Грција, како и позицијата за потребата од изнаоѓање дипломатско решение што ќе доведе до одржлив мир, стабилност и безбедност во регионот. Претседателот на Обединетите Арапски Емирати му се заблагодари на премиерот за поддршката на Грција, информираа од кабинетот на Мицотакис.
Дополнително, разговарале и за слободата на пловидба, како што е утврдена со Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, како неопходен предуслов за меѓународниот мир, за синџирите на снабдување и економскиот просперитет.
Во рамките на посетата, бил потпишан и Меморандум за соработка меѓу Грција и Обединетите Арапски Емирати во областа на вештачката интелигенција и технологијата.
Грчки владини извори пред средбата брифираа дека посетата на Мицотакис на Абу Даби ја нагласува улогата на Грција како фактор на стабилност во поширокиот регион и како кредибилен партнер.
Ова беше петта посета на грчкиот премиер на ОАЕ, а двете земји во 2020 година со Заедничка декларација го воспоставија стратешкото партнерство, кога беше потпишан и договорот за соработка во областа на надворешната политика и одбраната.
Мицотакис денеска ќе учествува на петтиот трилатерален Самит Јордан – Грција-Кипар што ќе се одржи во Аман, а на пат кон Јордан беше и посетата на ОАЕ.
мај 7, 2026

