Култура
Дучевска: Јазикот е клучен инструмент на правната практика и услов за јасност и правна сигурност
Јазикот претставува фундаментален инструмент на правната практика и е неопходен за создавање, толкување и примена на правото, истакна проф. д-р Анета Дучевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на трибината „Состојбите во современиот македонски јазик – македонскиот јазик во правните акти“, организирана од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – УКИМ, по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Во своето обраќање, Дучевска нагласи дека правото „постои и се практикува исклучиво преку јазикот“, при што прецизната терминологија и јасните значења се клучни за правната обврзувачка сила на нормите. Таа посочи дека ефикасниот правен јазик овозможува јасност и ред и го премостува јазот меѓу стручната правна сфера и јавноста.
-Јазикот е клучен при застапување клиенти, водење преговори, составување договори и судски дискурс, а лингвистичката анализа често влијае врз кредибилитетот и исходот на тие процеси – истакна Дучевска.
Таа издвои неколку аспекти на јазикот во правната практика, меѓу кои и улогата на синтаксата, семантиката и прагматиката при креирање и толкување закони, значењето на јазикот во судското аргументирање, како и моќта на правниот јазик во обликувањето на општествените односи. Посебно беше нагласена и улогата на форензичката лингвистика при анализа на правни текстови како сведочења и тестаменти.
Дучевска се осврна и на разликата меѓу стручната терминологија и јазикот на правото, истакнувајќи дека клучни концепти во современите истражувања се нормативноста, значењето и толкувањето. Според неа, стравот од неразбирање на правните текстови произлегува од можните последици, бидејќи исказите во правото се истовремено и говорни чинови со конкретни правни ефекти.
Како примери од практиката, таа наведе случаи на различно толкување на граматичките категории, како еднина и множина, што довело до сериозни последици во примената на законите, особено во областа на високото образование.
Во однос на состојбите во македонскиот јазик и правото, Дучевска оцени дека е неопходна посилна и поконсолидирана професионална соработка меѓу јазичарите и правниците.
Раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ проф. д-р Искра Пановска-Димкова, пак, нагласи дека македонскиот јазик сам го има оправдано своето постоење и својот развој, а науката, книжевноста и секојдневната употреба потврдуваат дека клучните одлуки при неговата кодификација биле правилни.
-Како научни работници даваме сѐ од себе да го продолжиме залогот што ни го оставија нашите професори, пред сѐ Блаже Конески и другите истакнати наставници од Катедрата за македонски јазик, за постојано унапредување и развој на македонскиот јазик – нагласи таа.
Осврнувајќи се на интересот на младите за студирање македонски јазик, Пановска-Димкова посочи дека бројот на запишани студенти во последните години е стабилен и изнесува околу 20 студенти годишно.
-Релативно сме задоволни од интересот, особено ако се земе предвид дека денес македонскиот јазик се изучува и на други факултети. Важно е што студентите што се запишуваат на Катедрата доаѓаат со вистински и искрен интерес, тоа им е прв избор, а не алтернатива – рече таа, додавајќи дека нивната мотивираност и активност јасно се забележуваат во наставниот процес.
Во однос на перспективите по завршувањето на студиите, Пановска-Димкова оцени дека дипломираните македонисти имаат реални можности за вработување, особено во наставата и во областа на јазичната култура.
Таа изрази очекување дека со целосната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик значително ќе се зголемат можностите за вработување на лектори во државните институции и медиумите
мај 6, 2026

