Connect with us

Регион

Неуспешен прв круг за избор на мандатар во Словенија

Првиот круг од изборот на кандидат за мандатар за состав на новата словенечка влада заврши денеска без успех. Вториот круг започнува утре, кога кандидати ќе можат да бидат предложени и од пратеничките групи или најмалку десет пратеници, јавуваат словенечките медиуми.

Словенечкиот парламент на вонредна седница ја разгледуваше одлуката на претседателката Наташа Пирц Мусар, која во првиот круг – во кој единствено таа има право да предложи мандатар – одлучи да не номинира кандидат, пренесува Радио-телевизија Словенија (РТВ Словенија).

Во образложението, таа наведе дека по консултациите со пратеничките групи не е утврдена мнозинска поддршка за ниту еден кандидат, како и дека не сака да предложи мандатар за малцинска влада. Според неа, во оваа фаза од процесот нема доволно доверба за понатамошни консултации. По разговорите не беше обезбедена потребната поддршка за избор на нов премиер, а релативниот победник на изборите и лидер на движењето „Слобода“, Роберт Голоб, соопшти дека во вакви околности не може да го прифати мандатот.

Вториот круг за избор на мандатар започнува утре. Во него, покрај претседателката, кандидати можат да предложат и пратеничките групи или група од најмалку десет пратеници. Рокот за поднесување кандидатури изнесува 14 дена, а гласањето за премиер мора да се одржи најрано 48 часа, а најдоцна седум дена по истекот на овој рок. Потпретседателот на парламентот, Данијел Кривец, појасни дека рокот за предлагање кандидати трае од 6 до 19 мај.

Доколку ниту во вториот круг не биде избран мандатар, претседателката ќе мора да го распушти парламентот и да распише предвремени избори, освен ако Собранието во рок од 48 часа не одлучи да се оди на трет круг и повторно да гласа за премиер.

Во вториот круг се очекува кандидатура на лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, кој по измените на Законот за влада се обидува да формира нова коалиција. Јанша планира сојуз со партиите кои го поддржаа намалувањето на бројот на министерства од 19 на 14, вклучувајќи ги СДС, Нова Словенија – Христијански демократи (НСи), Словенечката народна партија (СЛС), „Фокус“, како и „Демократи“ и „Ресни.ца“.

Преговорите се водат надвор од очите на јавноста. Претставници на повеќе партии веќе се сретнале со Јанша за усогласување на коалициските позиции, додека паралелно продолжува работата на законот за интервентни мерки за развој, наведува РТВ Словенија.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1