Connect with us

Свет

СЗО: Низок ризик за јавноста по откриеното сомнително жариште на хантавирус на брод во Атлантикот

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека ризикот за пошироката јавност е низок и дека нема потреба од паника откако три лица починаа, а уште три се заразија при сомнително жариште на хантавирус на крузер во Атлантскиот Океан.

Холандската компанија „Оушнвајд експедишнс“ (Oceanwide Expeditions) соопшти дека се справува со „сериозна медицинска ситуација“ на бродот „Хондиус“, кој се наоѓа во близина на Зеленортските Острови (Кабо Верде), островска држава покрај западниот брег на Африка.

Крузерот испловил од Аргентина пред околу три недели со приближно 150 патници, а во меѓувреме застанал на Антарктикот и на други локации на патот кон Зеленортските Острови, јавуваат медиумите.

– Ризикот за пошироката јавност останува низок. Нема потреба од паника или од ограничувања за патување – изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге. Тој посочи дека СЗО презела итни мерки за поддршка на одговорот на настанатата ситуација и работи со засегнатите земји за обезбедување медицинска помош, евакуација, истраги и проценка на ризикот за јавното здравје.

– Инфекцијата со хантавирус е невообичаена и најчесто е поврзана со контакт со заразени глодари. Иако може да биде тешка во одредени случаи, таа не се пренесува лесно меѓу луѓето – изјави Клуге.

Портпарол на холандското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца патници со холандско државјанство починале, без да изнесе дополнителни детали.

Еден од заразените патници се лекува на одделение за интензивна нега во Јужна Африка, соопшти СЗО на платформата „Икс“.  „Скај њуз“, повикувајќи се на јужноафриканското Министерство за здравство, објави дека станува збор за британски државјанин.

Лабораториските тестови потврдија инфекција со хантавирус кај еден од шесте засегнати случаи, соопшти организацијата.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1