Свет
Добриндт: Германија ги продолжува граничните контроли
И покрај намалениот број на нелегални гранични преминувања, Германија ги задржува граничните контроли на копнените граници, изјави министерот за внатрешни работи, Александар Добриндт, објавија германските медиуми.
„Сегашната ситуација е таква што сакаме да ги задржиме контролите на границите бидејќи сè уште бележиме обиди за нерегуларни гранични преминувања“, рече Добриндт во интервју за јавниот сервис АРД.
Министерот за внатрешни работи истакна дека крајната цел е воспоставување функционален миграциски систем на ниво на Европската Унија, што ќе ги направи контролите излишни.
„Но, сè додека тоа не е случај, ја задржуваме опцијата за гранични контроли на среден рок“, рече Добриндт.
Тој одби да даде приближен датум кога би можеле да бидат укинати контролите. Баварскиот политичар од Христијанско-соцјалната унија (ЦСУ) истовремено ја бранеше воспоставената пракса на депортирање криминалци во Авганистан.
„Не можам да разберам дека такво нешто се соочува со критики“, нагласи Добриндт.
Од воведувањето на граничните контроли со Полска, Чешка, Франција, Данска и Швајцарија, покрај претходно воведените гранични контроли со Австрија во 2015 година, бројот на барања за азил во Германија драматично се намали.
Граничните контроли предизвикаа негативни реакции од некои соседни земји, особено од Полска, која реципрочно воведе контроли при влез во Германија.
Демохристијанско-социјалдемократска влада на Фридрих Мерц ја презеде власта пред една година, а едно од централните ветувања на таа влада е намалување на бројот на нелегални мигранти
мај 5, 2026

