Вести
Ова се имињата на дванаесетемина ликвидирани од ВМРО за убиството на Гоце Делчев
Сто дваесет и три години по загинувањето на Гоце Делчев, настанот од 4 мај 1903 година (по новиот календар) се уште е тајна за македонската историја и воопшто за Македонците. Мистеријата не е толку во самата битка која трагично завршува и која може да се реконструира, колку во настаните кои и претходат. И ден-денес не познато кој го предал Делчев, а за низа македонски историчари, спорно е дури и самото тврдење дека станувало збор за предавство со оглед на тоа што досега не се откриени документи или други докази кои би го потврдиле тоа.
Постојат повеќе теории за тоа што довело до загинувањето на Делчев. Една од најистражуваните е таа која вели дека предавник е Андреј Хрлев од Броди, учител и благајник на Организацијата, кого и Даме Груев го споменува во своите спомени. Него го посочува и Пејо Јаворов, бугарски поет со ерменско потекло, прв биограф на Делчев, близок пријател на војводата, а пред повеќе години и бугарскиот историчар д-р Димитар Тулеков објави ексклузивни материјали за можните предавници на Гоце, меѓу кои го спомнува и името на Андреј Хрлев. Но и тој не ја расчистува мистеријата. Со Хрлев посебно се има занимавано д-р Христо Андонов Пољански, за на крај да заклучи дека прашањето за предавството на Делчев и „натаму останува под превезот на таинственоста“.
УЧИТЕЛОТ ОД БРОДИ
Андреј Хрлев имал зет Турчин, а пролетта 1903 година веќе бил разочаран од македонското ослободително движење. Тој навистина би можел да биде предавникот, но симптоматично е што бил поштеден од одмаздата на Организацијата, која наместо него убила десеттина селани од Баница и Броди сметајќи ги за виновници за смртта на Делчев.
Меѓу ликвидираните е и Ѓорѓи Агов од с. Старчишта, неврокопско. Обвинението е дека тој бил облечен во турска алишта и ја водел потерата кон Баница. Во декември истата година, во речиси изгореното село Баница, Марин Георгакиев е исечен на парчиња токму на местото каде што е убиен Гоце, а Коста Маџаров, Ѓорѓи Орешков и Коста Петров се заклани врз гробот на Гоце.
Неколку ликвидации извршил и војводата Таската Серски, а од страна на четата на Илија Тешовалијата биле убиени и таткото Апостолов од селото Баница, неговите двајца синови и едната снаа. Како учесници во други предавства биле ликвидирани и Георги Дурата, Михаил Каптовали и Атанас Костов.
Триесеттина години подоцна, Андреј Хрлев, за кого уште во тоа време по весниците се пишувало дека го предал Делев, напишал текст во кој тврди дека предавството е извршено од двајца врховисти во врвот на Организацијата во Солун. Меѓутоа, ниту тој, ниту било кој друг наведува поконкретни податоци за тоа кои би можеле да бидат тие двајца предавници. Интересно е, меѓутоа, што во една турска шифрирана телеграма поврзана со убиството на Делчев стои дека даскалот од Броди, Андреја Ѓорѓи Хрлев, на 16 мај 1903 година, примил „бомби донесени од Неврокопско и ги внел во црквата“. Значи, власта знае дека сокрил бомби. Зошто, тогаш не го уапсила, кога за такви работи се одело дури и во Дијарбакир?
Следната линија на предавството ја загатнува Ѓорче Петров, кој, повикувајќи се на разговор со сестрата на Делчев, Руша, во своите спомени вели дека војводата бил откриен уште во Солун. Гоце во Солун пристигнал на Велигден 1903 година, за да се сретне со Даме Груев и да расчистат околу различните ставови околу самото востание. Двајцата останале три дена затворени во соба во солунската гимназија и што разговарале таму никогаш не се разјасни. Даме тврди дека ги расчистиле работи, но постои и тврдењето дека Гоце во Солун, при средбата со Даме го доживеал „последниот удар на разочарувањето“.
БУГАРСКА ТРАГА
За разговорите во Солун главно е прифатено искажувањето на Груев во неговите спомени дека Делчев бил вознемирен поради одлуката за востание, зашто сметал дека недостасува оружје. Меѓутоа, Груев наводно успеал да го смири убедувајќи го дека ќе се отворат нови канали за снабдување, по што наводно Делчев бил принуден да го прифати аргументите на Даме.
Наспроти тоа, Ѓорче Петров тврди дека Делчев во Солун го доживеал „последниот удар на разочарување“ и дека во градот имало некој „шпион близок до нашите луѓе“, кој според него, ги известил турските власти за движењето на Делчев. Трагот може да оди до врвот на ЦК на ВМРО, но и оваа линија засега не може цврсто да се потврди, ниту отфрли.
Еден од последните трагови во истражувањата за убиството на Делчев е откритието на д-р Михајло Миновски од пред низа години кој во Софија дошол до еден текст во весникот ‘Македонско знаме’ од 1934 година во кој е отпечатено сведоштво на учесник во Илинденското востание. Сведокот ги пренесува искажувањата на Георги Думчев Карчо (загинува со Даме Груев во декември 1906 г.) кој бил со Гоце во Баница. Според сведоштвото, кога сфатиле дека Баница е опколена, Карчо му предложил на Гоце да откријат послабо бранет пункт низ кој би можеле да се извлечат од опсадата. На тоа, Гоце му одговорил со следните зборови:
„Карчо, ако бевме предадени од овде, ќе најдевме можност да излеземе од опсадата, но изгледа дека сме предадени од Софија. Затоа не можеме да се спасиме“.
Наспроти сите овие теории е таа која вели дека убиствота на војводата е резултат на несреќна коинциденција во која при акциите што ги спроведувале во тој дел на Македонија, турските чети едноставно налетале и на четата на Делчев, теорија која, се чини нема сериозна подлога.
Сепак, ова не го менува фактот дека едновековната мистерија за загинувањето на Гоце Делчев и натаму останува. И прашање е дали некогаш ќе се разреши.


