Connect with us

Вести

Судбината на љубовта на Гоце, Јанка, и фотографијата со посвета и потпис на Гоце Делчев

Во приватната архива на Михаил Герџиков, која се чува во семејството на потомците од неговата ќерка Магда во Софија, постои фотографија-портрет на Гоце Делчев со негова посвета. Фотографијата е направена пролетта 1902 година во ателјето на Александар Владиков во Софија. На задната страна од фотографијата има две посвети на Гоце Делчев. Првата е за Михаил Герџиков:

„На Михаил Герџиков најдобриот мој пријател и единствен другар по судбина“. Втората посвета со потпис на Гоце е за семејството Герџикови: „ На семејството на Иван Герџиков да ги помни и да не ги заборави пријателските и братски врски со Мишел. Пловдив, 21 април 1902 г.  Гоце“.

Во долниот дел на фотографијата има текст со потпис на Јанка Каневчева. Тој текст е допишан подоцна, во времето кога Јанка веќе е мажена за Михаил Герџиков, значи најверојатно по 1907 година. Текстот со потпис на Јанка е во најдолниот дел од задната страна на фотографија:

„Убиен во борба кај с. Баница (Серско) на 21 април 1903 г.“

Фотографијата на Гоце од приватната архива на Герџикови

Позадината на фотографијата со двете посвети напишани лично од Гоце 

Како вереница на Гоце, охриѓанката Јустинијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку година таа ќе ги помине во црнина, иако не била вдовица туку девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. Шест години подоцна, “откако се родиле чувства меѓу нив”, како што кажал самиот Гоце пред да тргне на својот последен поход во Македонија, Михаил Герџиков  го исполнува аманетот и се жени со Јанка. Следната година им се раѓа ќерката Магда. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: Се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт, и се борел за Македонија до крајот на својот живот. Вереницата на Гоце ја зел за сопруга, а Македонија, иако само на еден дел, станала независна држава.

Јанка КАНЕВЧЕВА

Инаку, ќерката на Михаил и Јанка Герџикови, Магда Герџикова е родена на 16 јануари 1910 година. Без својата мајка Јанка останала на 10-годишна возраст, бидејќи првата и последна голема љубов на Гоце, го завршила својот живот во 1920 година, кога имала само 42 години. Магда починала на 99-годишна возраст, на 12 април 2009 година во Софија. Погребана е во гробот на  својот татко Михаил Герџиков на Централните софиски гробишта. Во летото 1943 година, со  својата втора сопруга Марија Стефанова и ќерката Магда, која имала 33 години, бил во Охрид на средба со роднините на Јанка Каневчева. Михаил Герџиков починал на 18 март 1947 година на 77-годишна возраст.

Потомките на Јанка, највозрасната на фотографијата е ќерката Магда

Маркетинг
Ad 1
Ad 1