Connect with us

Култура

Македонскиот филм доминира во мајската програма на Кинотеката

Македонскиот филм, претставен низ разни генерации и стилови, ќе доминира во мајската програма на Кинотеката на Северна Македонија. Ќе бидат прикажани  „Прашина“ на Милчо Манчевски , „Збогум на 20. век“ на Дарко Митревски и Александар Поповски, „Планината на гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски, „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Нели ти реков“ на Стево Црвенковски, „Викенд на мртовци“ на Коле Ангеловски, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Самитот на шаманите“ во режија на Александар Станковски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Плати и жени“ на Атанас Георгиев.  

-Паралелно со овие остварувања, програмата се отвора и кон еден од највлијателните автори на современиот светски филм. „Мулхоланд Драјв“ на Дејвид Линч претставува врв на неговата авторска поетика – хипнотичка, фрагментирана и длабоко субјективна визија за Холивуд како простор на соништа и кошмари. Филмот ја разградува класичната наративна структура, заменувајќи ја со логика на сонот, каде идентитетите се распаѓаат, а реалноста постојано се лизга кон илузија. Во контекст на мајската програма, „Мулхоланд Драјв“ воспоставува значаен дијалог со „Збогум на 20. век“, отворајќи прашања за границите на филмскиот јазик и можностите на киното како медиум на несвесното, соопшти Кинотеката. 

Програмата за мај ќе почне со омаж на класичниот холивудски хумор преку одбележувањето на јубилејот на Џери Луис, каде што комичниот наратив се отвора кон подлабоки размислувања за идентитетот, неуспехот и очекувањата на општеството. Овој воведен сегмент, посочува Кинотеката, „ја поставува рамката за месец во кој жанровските граници постојано се преиспитуваат и надминуваат“.

Посебен сегмент од програмата е посветен на авторскиот и експерименталниот филм, каде што дела како „Маклабас“ ја отвораат границата меѓу митот, фантастиката и современата филмска нарација, создавајќи специфични, жанровски хибриди што ја прошируваат перцепцијата за филмскиот јазик. 

Значајно место во мајската селекција имаат и анимацијата и кратката форма – од современите анимирани филмови инспирирани од актуелни теми, како миграцијата и созревањето, до ретроспективата на Боро Пејчинов.

-Мајската програма на Кинотеката претставува внимателно обликуван репертоар што се движи меѓу класиката и современоста, меѓу авторскиот филм и жанровската игра, создавајќи динамичен дијалог помеѓу различни поетики, естетики и историски контексти. Програмата доаѓа како природно продолжение на одбележувањето на значајниот јубилеј – 50 години од основањето на Кинотеката, дополнително нагласувајќи ја нејзината улога како чувар на филмското наследство и активен чинител во современиот културен простор, соопшти Кинотеката.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4