Свет
Поранешниот перуански претседател Толедо осуден на уште 13 години затвор

Поранешниот претседател на Перу, Алехандро Толедо, осуден е на 13 години и четири месеци затвор, откако лани доби 20-годишна казна поради примање мито поврзано со корупцискиот скандал со бразилскиот градежен гигант „ОдеБрехт“.
Суд во Лима утврди дека Толедо, кој ја водеше државата од 2001 до 2006 година, добивал незаконски исплати од „ОдеБрехт“ и со тие средства купувал недвижности и отплаќал хипотеки на свое и на име на свои роднини.
Во октомври 2024 година, поранешниот претседател беше осуден на 20 години затвор за прифаќање поткуп од 35 милиони долари во замена за договор за изградба на дел од Интерокеанската автопатска врска меѓу Рио де Жанеиро и Лима.
Случајот, познат како аферата „ОдеБрехт“, се смета за најголемиот корупциски скандал во Латинска Америка.
Толедо, кој сега има 79 години, беше обвинет во 2017 година, а Перу издаде меѓународна потерница и побара негова екстрадиција од САД, каде што се засолни откако ја напушти функцијата.
Тој беше приведен во САД во 2019 година, по што следуваше долг судски процес. Во 2023 година се предаде на американските власти и беше екстрадиран во Перу.
Казните од двете пресуди ќе се издржуваат истовремено и ќе се сметаат од 23 април 2023 година – датумот на неговата екстрадиција.
Според американското Министерство за правда, „ОдеБрехт“, компанија основана од германски доселеници, платила речиси 800 милиони долари мито на поединци во 12 земји.
Градежните проекти често чинеле многу повеќе од планираното. Така, делницата од Интерокеанската автопатска врска во Перу чинела 2,1 милијарди долари наместо првично планираните 850 милиони.
септември 5, 2025