Регион
Ѕиѕикостас: Во моментов не постои недостиг на керозин, но ако продолжи војната по јуни може да имаме проблеми
Ако ситуацијата на Блискиот Исток не се стабилизира и ако не се отвори Ормуската Теснина, по јуни може да се појават проблеми со авионското гориво, па дури и недостиг, посочи еврокомесарот за транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас во интервју за грчката телевизија „Скај“ и нагласи дека засега, нема ниту недостиг, ниту проблеми, јави дописничката на МИА од Атина.
Ѕиѕикостас рече дека актуелната ситуацијата со војната и затворањето на Ормуската Теснина „не е добра и за тоа нема сомнеж“, додавајќи дека Европа има керозин, но цените на авиобилетите „се зголемени повеќе од двојно во споредба со периодот пред војната“ што, како што посочи резултираше многу авиокомпании во моментов да прекинуваат линии, кои дури и пред војната не беа економски одржливи, а сега со зголемувањето на цените не се исплатливи и се откажуваат.
Додаде дека и во блиска иднина ќе има откажувања на летови, но „поврзани се со трошоците, а не со недостигот на гориво“.
– Во оваа фаза, не се соочуваме со недостиг на гориво, но се соочуваме со огромен проблем со зголемувањето на цените на авионското гориво. Ова не значи дека ако војната продолжи и нема решение и не се врати во нормала ситуацијата во Ормуската Теснина и слободната пловидба, дека по јуни нема да се појават проблеми, дури и недостиг. Повторувам дека во моментов не постои недостиг. Над 80 отсто од аеродромите ни велат дека не постои проблем со недостиг на гориво на европско ниво, но, ако војната и нестабилноста во регионот продолжат и Ормускиот теснец не се отвори до јуни, тогаш работите ќе почнат да се затегнуваат, посочи Ѕиѕикостас и додаде дека 40 отсто од оперативните трошоци на еден авион се неговото гориво.
Сепак објасни дека недостиг на горива во Европа нема да видиме наскоро, имајќи предвид дека постојат и резерви за итни случаи, што можат да траат до три месеци.
– Со мерките што ги соопштивме минатата недела, земјите-членки веќе се обврзани секојдневно да не известуваат за расположливите резерви, за во секој момент да знаеме каде и во колкави количини се наоѓаат и секако ако видиме дека пазарот се стеснува по јуни, тогаш ќе ги активираме овие резерви за итни случаи, под услов тоа да се прави на начин што нема да создаде дополнителни проблеми, рече еврокомесарот, но и паралелно повика на смиреност, нагласувајќи дека нема простор за паника.
април 28, 2026

