Регион
Сопружниците кај албанскиот град Лежа убиени поради крвна одмазда
Мотивот за двојното убиство, на сопружниците Мујечи, што се случи вчера попладне кај албанскиот град Лежа е крвна одмазда, потврди Арбен Насуфи, директор на Регионалната полиција во овој округ.
На прес-конференција Насуфи додаде дека се идентификувани три лица како сторители и соучесници, кои се на возраст од 22 до 36 години, од нив двајца се син и внук на 47-годишен маж убиен во 2016 година, во кое соучесници биле вчера застреланиот Крешник Мујечи и неговиот брат.
-Од истрагата потврдено е дека возило марка „Ауди А4“ во кое биле Крешник и неговата сопруга Гентиана Мујечи, било следено од возило „Фолксваген“, без регистарски таблички. На местото на инцидентот му бил блокиран патот на возилото кон кое биле испукани 30 куршуми од автоматска пушка калашњиков. Извршени се неколку проверки но сè уште се трага по сторителите, А.М.(22), Ф.М. (36) и Р.М (23) сите жители на градот Лежа, рече Насуфи.

Операцијата продолжува на терен, во која се вклучени и припадници на специјалната полициска единица „РЕНЕА“, Националните безбедносни сили и оперативните структури на локалната полициска управа во Лежа, со цел нивно лоцирање и апсење.
Крешник Мујечи бил уапсен во 2017 година како соучесник во убиство на 47-годишен маж во 2016 година, но судот го прогласил за невин. Сопружниците Мујечи се родители на четири деца, биле хуманитарци а последните години под нивен патронат бил одбележуван празникот Свети Марко, кај големиот крст во Лежа.
Според традиционалниот закон (канун) крвната одмазда во Албанија иако поретко, сè уште се применува поради убиство, навреда на честа. Иако во канунот стои дека крвната одмазда не се врши при присуство на жена и малолетно лице, тоа во последните најмалку две децении не се почитува.
април 28, 2026

