Забава
Слики од Џони Деп изложени во две галерии во Германија – цените достигнуваат и до стотици илјади евра
Уметничките слики на холивудската ѕвезда Џони Деп се изложуваат во две галерии во Хесен. Овој петок изложбата ќе биде во галеријата Билдер фукс (Bilder Fuchs), во Фулда, а еден ден подоцна неговите дела ќе можат да се видат и во галеријата Арт (Art), Висбаден. Од галериите во Фулда и Висбаден наведуваат дека интересот на јавноста е исклучително голем. Претставниците на галериите додаваат дека ова е првпат делата на Деп да бидат изложени во Германија во толкав обем, и покрај тоа што, пред околу еден месец биле изложени во галерија, во градот Емендинген
Во Фулда и Висбаден ќе биде прикажан избор од графичките дела на Деп, меѓу кои се и мотиви од неговите познати серии „Одрази“ („Reflections“), „Генезата на Човекот-зец“ („Bunny Man’s Genesis“), „Пет“, „Алигатор“ („Gator“) и „Куќата што Џони ја изгради“ (The House That Johnny Built“). Покрај графиките, изложбата вклучува и уникатни уметнички дела, меѓу кои акварели, цртежи и монотипии кои се дел од неговото поново ликовно творештво.
Според организаторите, цените на делата на Деп започнуваат од околу 995 евра за нумерирани и рачно потпишани изданија. Овие изданија во рамки на истиот уметнички жанр можат да достигнат и до околу 7.000 евра. Уникатните, оригинални дела се проценуваат од околу 10.000 евра (почетна цена), а во зависност од големината, техниката и побарувачката, некои од нив можат да достигнат и шестцифрени суми.
Кураторот на галеријата во Фулда, Томас Шток, како посебно значајна ја издвојува колекцијата „Пет“, во која, според него, Деп преку уметнички израз ја прикажува емоционалната исцрпеност и личните предизвици низ кои поминувал во одреден период од својот живот. Актерот првпат ги претстави своите уметнички дела во 2022 година, а од тогаш неговите изложби беа организирани и во Њујорк, Лондон и Токио, каде што неговите уметнички дела привлекоа големо внимание од јавноста и колекционерите на слики.
Двете изложби ќе бидат отворени до 24 мај.
април 23, 2026

