Регион
Шпанија наложи отстранување на усташките симболи од гробот на Макс Лубуриќ
Шпанските власти соопштија дека од гробницата на озлогласениот командант на усташкиот логор Јасеновац, Вјекослав Макс Лубуриќ, на градските гробишта „Каркаишент“ во покраината Валенсија, мора да бидат отстранети сите усташки симболи, пренесува агенцијата ЕФЕ.
Според одлуката на шпанската влада, гробницата на Лубуриќ е вклучена во „Каталогот на симболи и елементи спротивни на демократското сеќавање“, што подразбира задолжително отстранување на сите профашистички обележја, пренесува Хина.
Вјекослав Макс Лубуриќ беше висок усташки офицер и командант на концентрациониот логор Јасеновац, каде што, според официјалните податоци на Јавната установа „Јасеновац“, биле убиени повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и хрватски политички противници на усташкиот режим.
По Втората светска војна, Лубуриќ се населил во Шпанија под заштита на диктатурата на Франко, каде што живеел вообичаен живот под лажно име, соопшти неодамна надлежното шпанско Министерство за демократско сеќавање. Тој бил убиен во 1969 година во својата куќа во Шпанија, веројатно во организација на тогашната УДБА.
Извештајот на Техничката комисија на шпанската влада укажува дека споменикот на неговиот гроб претставува величење на фашизмот и неговите протагонисти, што е неспоиво со демократските вредности и со сеќавањето на жртвите.
Надгробниот споменик, подигнат во 1976 година на истакнато место на гробиштата, содржи симболика со која се слави ликот на функционерот одговорен за системот концентрациони логори на т.н. Независна Држава Хрватска (НДХ), како и самиот усташки режим. Поради тоа, испратени се упатства до регионалните и до локалните власти за итно отстранување на симболите од јавниот простор.
Дополнително, се налага поставување натписи кои ќе овозможат објективен историски контекст, со јасни референци за улогата на Лубуриќ во злосторствата и во геноцидот во Јасеновац.
април 21, 2026

