Connect with us

Регион

Марта Кос: Проценуваме дали Србија се уште ги исполнува условите за исплата од Планот за раст

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Европскиот парламент изјави дека Брисел проценува дали Белград ги исполнува критериумите за исплата на средства од фондовите на Европската унија.

Таа додаде дека ЕУ е загрижена за настаните во Србија, поврзани со независноста на судството и слободата на медиумите.

„Се повеќе сме загрижени за она што се случува во Србија. Ги споделувам загриженостите…за законите што ја поткопуваат независноста на судството и за репресијата врз демонстранти, како и за мешањето во независните медиуми. Моментално проценуваме дали Србија се уште ги исполнува условите за плаќање според финансиските инструменти на Европската Унија“, нагласи таа.

„Секако, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Србија на нејзиниот пат кон ЕУ, но очекуваме властите целосно да го усогласат законодавството со препораките на Венецијанската комисија и да обезбедат независност на медиумите, вклучително и реформата на Регулаторното тело за електронски медиуми, изјави Марта Кос во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент и изрази очекување дека Белград ќе се усогласи и со економската и надворешната политика на Унијата.

Таа рече дека сакаат да видат постојан напредок во согласност со надворешната политика и безбедносната политика.

„Обврски постојат од двете страни и тие обврски мора да бидат проследени со конкретни акции. Веќе зборував за променливата геополитичка средина и што тоа значи за проширувањето. Ќе кажам уште еднаш дека фундаменталните реформи остануваат приоритет. Во исто време, повеќе не можеме да очекуваме од нашите кандидати да спроведуваат тешки реформи со години, без да ги докажуваме во пракса. Треба многу побрзо да стигнеме до нашите идни граѓани“, рече таа.

Кос наведе дека Западен Балкан ризикува да изгуби стотици милиони евра до јуни поради недоволна имплементација на процесот на реформи предвиден во Планот за раст.

„Минатата недела им пишав на властите во регионот да ги забрзаат реформите, или нивните граѓани ќе бидат во загуба. Планот за раст е строго базиран на перформанси и временски ограничен. Во моментов, повеќе од 700 милиони евра се во опасност трајно да бидат изгубени во регионот ако реформите не бидат завршени до јуни 2026 година или декември 2026 година“, изјави Марта Кос во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (AFET). 
Планот за раст е најамбициозниот пакет на ЕУ за регионот – шест милијарди евра. Тој има за цел, меѓу другото, двојно да се зголемат економиите на тие држави во следните десет години.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4