Свет
Nestlé го смени главниот извршен директор поради тајна врска со вработена

Швајцарскиот прехранбен гигант Nestlé го разреши главниот извршен директор Лорент Фреиксе по истрага за „непријавена романтична врска“ со подредена вработена, со што бил прекршен интерниот кодекс на деловно однесување, јавува Financial Times.
На негово место е именуван Филип Навратил, досегашен челник на Nespresso. Претседателот на управата Пол Булке порача дека одлуката била неопходна: „Вредностите и корпоративното управување се темел на нашата компанија. Му се заблагодарувам на Лорент за децении работа во Nestlé.“
Фреиксе минатата година го наследи Марк Шнајдер на чело на групацијата, во која помина речиси 40 години. Внатрешната истрага била покрената напролет по пријави на вработени преку системот „Speak Up“, во кои се предупредувало на можен судир на интереси и фаворизирање.
Првата истрага не ги потврдила сомнежите, но по нови пријави биле ангажирани надворешни адвокати. Тие заклучиле дека тврдењата се основани, што доведе до итно разрешување на Фреиксе, пишува Financial Times.
Осетлив момент за Nestlé
Смената на врвот доаѓа во осетлив период за компанијата со вредност од 191 милијарда швајцарски франци. Nestlé се соочува со забавување на продажбата во клучните сегменти, а француските власти во јули извршија претрес во канцелариите на фирмата поради наводна употреба на недозволени методи за филтрирање минерална вода.
Во САД, пак, годинава беше повлечен дел од замрзнатите готови јадења поради сомнеж за контаминација.
Фреиксе во мај, во интервју за FT, изјави дека стратегијата на неговиот претходник „го ослабела ткивото на компанијата“ и дека неговата цел била враќање на фокусот кон основните бизниси и обновување на корпоративната култура.
Новиот човек на врвот
Навратил, кој во Nestlé влезе во 2001 година како внатрешен ревизор, го водеше бизнисот во Латинска Америка и до неодамна беше на чело на Nespresso. Во извршниот одбор влезе годинава.
Аналитичарот на швајцарската банка Vontobel, Жан-Филип Берчи, истакнува дека промената доаѓа во „осетлив момент“ за компанијата, но дека именувањето на искусен менаџер како Навратил е „охрабрувачко за инвеститорите“.
Акциите на Nestlé паднаа за повеќе од 40 проценти од врвот во 2022 година, а во јуни беше најавено и дека Пол Булке ќе се повлече од местото претседател на управата. Како негов можен наследник се споменува поранешниот челник на Inditex, Пабло Исла.
Фреиксе засега не ја коментирал одлуката за негово разрешување.
септември 3, 2025