Connect with us

Скопје

Акција за чистење диви депонии во Кисела Вода

На територијата на општина Кисела Вода утрово започна голема акција за чистење диви депонии во која се вклучени 11 скипови, 2 багери и 25 камиони со кои се расчистуваат повеќе од десет критични точки. На терен, како што информираат од локалната самоуправа, интензивно работат сезонските работници ангажирани од Општина Кисела Вода во координација со екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“. 

-Денес спроведуваме една од најмасовните и најсериозните акции за расчистување на депониите во општина Кисела Вода. Утрово, започнавме со силна механизација, 11 скипови, 2 багери и 25 камиони се на терен и работат со полн капацитет. Акцијата опфаќа над десет критични точки на нашата територија. Со нивното расчистување не само што го враќаме убавиот лик на општината, туку пред сè, преземаме конкретен чекор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Отстрануваме, додаде, огромни количини отпад кој ја загадува почвата и природата во Припор, во Драчево, кај Теферич, кај Охис, кај селото Аџево и на низа други локации.

-Овој голем потфат е резултат на заедничка работа. Покрај нашите општински сезонски работници и екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, огромна благодарност упатувам и до општествено одговорните компании кои се вклучија и ја отстапија својата механизација. Борбата за чиста животна средина е континуиран процес. Оваа масовна акција е огромен чекор напред кон враќање на редот во Кисела Вода, но за да ја задржиме хигиената, неопходна ни е поддршката од сите. Општината е тука, работи интензивно на терен, но само со заедничка грижа и одговорност ќе спречиме повторно создавање на овие грди слики- посочи градоначалничката.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3