Скопје
Расадник набргу со модерна и современо опремена детска градинка
Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска извршија увид во завршните градежни работи на доградбата на објектот при градинката „8 Март“ во Расадник. Новиот простор од 800 квадратни метри е изграден по највисоки стандарди и опфаќа шест нови и пространи занимални, во кои се вклучени и две јаслени групи, со што се обезбедува капацитет за нови 120 дечиња од општината.
Како што посочуваат од локалната самоуправа, инвестицијата во висина од 60.000.000 денари, обезбедена во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со поддршка од Владата на Македонија, се придвижува со засилено темпо. Во моментов се уредува фасадата, по што следи поставување на подните подлоги, со цел дечињата час поскоро да влезат во нови современи простории за игра и учење.

-Она што го ветивме, веќе станува реалност на терен. Упатувам голема благодарност до Министерството за социјална политика, демографија и млади, до заменик-министерот Велковски и до Владата на Република Македонија за партнерството и континуираната поддршка во реализацијата на овој проект. Посветени сме на секое маало и на секое дете, бидејќи вложувањето во најмладите е нашата најважна задача. Создаваме услови Кисела Вода да биде пример за модерна општина која инвестира во својата иднина- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
април 16, 2026

