Connect with us

Регион

„Катимерини“: Секоја година затворени околу 700 училишта во цела Грција поради намалениот број ученици

    Од 2018 година до денес, бројот на ученици во основните училишта во Грција е за над 110.000 помал, а секоја година остануваат затворени околу 700 училишта, бидејќи немаат ученици, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

    Како што јави дописничката на МИА од Атина, весникот во анализата коментира дека затворените училишта се низ целата земја: во планински места, на островите, но и во големите урбани центри и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

    – Искусни претставници на Министерството за образование, говорејќи за „Катимерини“, ја опишуваат ситуацијата како „Армагедон поради акутниот демографски проблем“. Во последните седум години, ученичката популација во основните училишта се намалила за 111.388 деца. Вкупно, во основното и средното образование и стручните училишта, во 2025-2026 година, наставата ќе ја следат околу 1.210.000 ученици, додека пред седум години, во 2018-2019 година, учеле 1.363.912 ученици, пишува весникот.

    Во новата учебна година што во Грција започнува на 11 септември, од 13.478 основни и средни училишта, според „Катимерини“, 714 ќе бидат затворени бидејќи во регионот каде што се наоѓаат нема ученици.

    Претставник на Министерството за образование објаснил дека за едно училиште да биде отворено потребно е да има најмалку 15 ученици, со исклучок на малите планински места или острови каде што дозволена е работа и со помал број ученици.

    Христос Циамалос од Секретаријатот за основно, средно и специјално образование при Министерството за образование на Грција коментирал дека секоја година во секое основно училиште се „губи“ по една паралелка ученици, а намалувањето на ученичката популација ќе почне да влијае и на средното образование.

    – Демографскиот проблем е застрашувачки, како што го доживуваме од година во година. Се сеќавам во едно основно училиште во областа Фтиотида, во 2010 година имавме десет паралелки со 170 ученици, во 2023 година се намаливме на седум паралелки со 120 ученици, а оваа година училиштето ќе има шест паралелки со 100 ученици, истакнал Циамалос.

    Речиси половина од училиштата што оваа учебна година ќе останат затворени се во северна Грција, односно, според „Катимерини“, 150 се во областа централна Македонија и 154 во источна Македонија и Тракија, додека пак во областа Атика, поширокиот регион на Атина нема да отворат 77 училишта.