Connect with us

Свет

Руди Џулијани тешко повреден во сообраќајна несреќа во САД

Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани (81), е тешко повреден во сообраќајна несреќа што се случила во американската сојузна држава Њу Хемпшир, јавува BBC.

Според извештајот на локалната полиција, Џулијани бил на совозачкото место во „Форд бронко“ кога во нивното возило удрило друго возило во градот Манчестер. Неговиот обезбедувач Мајкл Рагуса изјави дека Џулијани има дијагностициран скршен пршен на градниот дел од рбетот, повеќе расекотини и модринки, како и повреди на левата рака и потколеница.

Полицијата потврди дека сите учесници во несреќата се пренесени во болница и дека повредите не се опасни по живот. Рагуса додаде дека несреќата се случила веднаш по тоа што Џулијани помогнал на жртва на семејно насилство која го запрела на патот. „Градоначалникот Џулијани веднаш пружи помош и повика 911,“ стои во соопштението.

„Градоначалникот на Америка“

Џулијани го доби прекарот „Градоначалникот на Америка“ откако го водеше Њујорк за време и по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Подоцна беше советник, а потоа и личен адвокат на Доналд Трамп, со кого денес нема соработка.

Тој првпат беше избран за градоначалник на Њујорк во 1993 година. По неуспешната претседателска кандидатура во 2008, стана клучен советник на Трамп за време на кампањата во 2016, а во 2018 ѝ се приклучи на неговата правна екипа.

По победата на Џо Бајден во 2020 година, Џулијани беше еден од главните промотори на неоснованите тврдења за изборна кражба. Оваа година тој постигна привремена нагодба во тужба за клевета, со која му беше наложено да исплати 148 милиони долари отштета на две поранешни изборни службенички поради лажни обвинувања.