Свет
Значајно распоредување на американски поморски сили на Карибите

Значајното распоредување на американски поморски сили на јужните Кариби предизвика бројни прашања – и во Каракас, и меѓу експертите во САД. Додека администрацијата на Доналд Трамп тврди дека целта на операцијата е борба против нарко-картелите, многумина се сомневаат дека зад оваа демонстрација на сила се крие друг мотив, пренесува Reuters.
Во регионот веќе се наоѓаат или наскоро се очекуваат дури седум американски воени бродови, придружени од брза нападна нуклеарна подморница, со што таму се распоредуваат над 4.500 морнари и маринци.
Белата куќа тврди дека е борба против картелите
Американскиот претседател Доналд Трамп ја истакна борбата против нарко-картелите како еден од клучните приоритети на својата администрација. За Reuters, функционери потврдија дека воените активности се насочени кон спречување на заканите од овие криминални организации.
„Целта е борба и разбивање на организациите за шверц на дрога, криминалните картели и странските терористички организации на нашата хемисфера,“ изјави Стивен Милер, заменик шеф на кабинетот во Белата куќа.
Сомнежи во официјалното објаснување
Сепак, не е јасно на кој начин засиленото воено присуство може да го попречи шверцот на дрога, бидејќи најголемиот дел од наркотиците за САД се транспортираат преку Пацификот, а не преку Атлантикот. Исто така, голема количина на дрога од Карибите стигнува со тајни авионски летови.
Венецуелските власти затоа сметаат дека вистинската цел е нивната влада. Дополнително сомнежите ги поттикна фактот дека САД неодамна ја зголемија наградата за информации за апсење на претседателот Николас Мадуро – на 50 милиони долари, поради обвиненија за трговија со дрога.
Министерот за одбрана Владимир Падрино порача: „Венецуелците знаат кој стои зад овие воени закани на САД против нашата земја. Ние не сме трговци со дрога, ние сме благороден и вреден народ.“
„Дипломатија со топовничиња“
Иако американската морнарица редовно патролира на јужниот Кариб, актуелното засилување на силите далеку ги надминува вообичаените размери.
Меѓу распоредени бродови се USS San Antonio, USS Iwo Jima и USS Fort Lauderdale, а во регионот оперираат и извидувачки авиони P-8 кои собираат разузнавачки информации.
Според Дејвид Смилде, експерт за Венецуела од Универзитетот Тулејн, „ова изгледа како обид за максимален воен притисок врз режимот за да се види дали може да се скрши. Тоа е дипломатија со топовничиња – старомодна тактика.“
Подготовка за интервенција?
Венецуелскиот амбасадор во ОН, Самуел Монкада, тврди дека целта на САД е оправдување на интервенција против „легитимниот претседател“. Белата куќа, пак, возвраќа дека „Мадуровиот режим е нелегитимен – тоа е нарко-терористички картел.“
Силите премали за долготрајна операција
И покрај реториката, американските функционери признаваат дека силите, иако значајни, не се доволни за голема операција како, на пример, инвазијата на Панама во 1989 година, кога беа вклучени 28.000 војници.
„Премногу е големо за да биде само за дрога. Премало е за инвазија. Но доволно е значајно за да има посебна цел,“ оценува Кристофер Ернандез-Рој од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
септември 2, 2025