Забава
„Артемис II“ ја напушти Земјината орбита и се упати кон Месeчината
НАСА соопшти дека „Артемис II“, нејзината прва мисија со човечки екипаж на Месечината по повеќе од пет децении, ги вклучи своите мотори и ја напушти Земјината орбита.
– Дами и господа, многу сум возбудена што можам да ви кажам дека првпат од 1972 година со „Аполо 17“ човечки суштества ја напуштија Земјината орбита – изјави на прес-конференција заменик-администраторката на НАСА, Лори Глејз.
Четворицата астронаути на мисијата „Артемис II“, која почна од Кејп Канаверал, Флорида, во средата вечерта, по американско време, ги поминаа првите 25 часа од летот орбитирајќи околу Земјата.
Екипажот на „Аретмис II“ и официјално е на пат кон Месечината, потврдија од НАСА. Ракетата „Орион“ е ставена „во слободна повратна траекторија“, што треба да му овозможи да ја користи гравитацијата на Месечината за да се вратат на Земјата.
„Орион“ ќе патува приближно 6.400 километри зад Месечината. В понеделник ќе прелета покрај Месечината, што е следната голема пресвртница што треба да го испрати екипажот речиси 406.000 километри во вселената пред да се врати на Земјата
Моментниот рекорд за најдолг вселенски лет е приближно 400.000 километри, поставен во 1970 година од страна на членовите на лунарната мисија „Аполо 13“.
Иако астронаутите нема да слетаат на Месечината, мисијата „Артемис II“ го отвора патот за идни слетувања, а исто така ги поставува основите за испраќање човечки екипаж и на Марс.
Мисијата претходно беше одложена за два месеца поради истекување водородно гориво и затнати хелиумски цевки.
НАСА сака да испрати човечки екипаж на површината на Месечината до 2028 година, пред Кина, која планира да го стори тоа во 2030 година.


