Регион
Кипарскиот министер за финансии: Животот на Кипар се одвива нормално и безбедно
Презедовме одредени превентивни мерки. Животот на Кипар се одвива непречено и безбедно. Воздушниот простор е секогаш отворен, нагласи министерот за финансии на Кипар Макис Керавнос при пристигнувањето на состанокот на ЕКОФИН во Брисел што се одржува во рамките на кипарското претседателство со Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Керавнос посочи дека министрите за финансии на ЕУ на денешниот состанок ќе разговараат за состојбата во меѓународната и европската економија и „влијанието од сите негативни случувања“.
– Пролетта штотуку пристигна и сите се надеваме дека пролетта ќе преовлада што е можно поскоро во меѓународната политичка и економска средина, нагласи министерот.
На прашањето дали ќе се разговара за мерки за поддршка на земјите кои се најмногу изложени на економски притисок поради војната, рече дека влијанијата се на глобално и европско ниво, а „денешната дискусија е да се види што може да се направи за справување со сите овие влијанија“.
Во однос на Кипар, изрази „искрена благодарност за брзиот одговор на Европската Унија во однос на заштитата на граѓаните“
март 10, 2026

