Connect with us

Свет

Швајцарските компании ќе можат да користат скратено работно време до 24 месеци

Швајцарската премиерка Карин Келер-Сутер објави дека на швајцарските компании ќе им биде дозволено да користат скратено работно време до 24 месеци, како дел од мерките за заштита на домашната економија по примената на дополнителни американски царини во износ од 39 проценти.

Барањата треба да се обработуваат брзо и без премногу бирократија, објавува Шпигел.
Федералниот совет ја прифати примената на дополнителни царини од 39 проценти за сите стоки што ги извезува Швајцарија во САД, објави владата по вонредната седница.

Федералниот совет е решен да ги продолжи разговорите со САД со цел што поскоро да се постигне намалување на дополнителните царини за швајцарските стоки, се вели во соопштението.

Келер-Сутер се врати од кратката посета на Вашингтон во друштво на министерот за економија Гај Пармелин, каде што, меѓу другото, се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио, но не постигна видливи резултати.

Швајцарската економија е привлечна и прилагодлива и веќе издржала многу бури. Ние сме обединети и се бориме заедно – рече таа на прес-конференцијата.

Пармелин додаде дека околу 60 проценти од вкупниот извоз на Швајцарија во САД сега е засегнат од дополнителни тарифи од 39 проценти.

„Контрамерки во форма на одмазднички тарифи како одговор на зголемувањето на американските тарифи во моментов не се планирани“, истакна тој и додаде дека таквите мерки би довеле до дополнителни трошоци за швајцарската економија бидејќи увозот од САД би станал поскап.

На прашањето дали можеби го испровоцирала Трамп со погрешна стратегија, швајцарската премиерка одговори дека тој користи тактики на сила и притисок и дека тоа не треба да се сфаќа лично.