Свет
Над 40.000 прашалници испратени за 18-годишници за да ги пополнат во рамките на новиот закон за германската воена служба
Германската војска испрати повеќе од 40.000 прашалници за 18-годишници да ги пополнат во рамките на новиот закон за воена служба во земјата – изјави денеска германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
„Да, тоа функционира и веќе добивме многу прашалници назад“, рече Писториус за време на посетата на објект за обука на офицери на Бундесверот во Рот, јужно од Нирнберг.
По месеци размислувања, администрацијата на канцеларот Фридрих Мерц донесе закон кон крајот на минатата година за враќање на воената служба – првично во доброволен капацитет – во обид да се зголеми бројот на војници.
Сите тинејџери треба да го добијат прашалникот откога ќе наполнат 18 години како прв чекор за да се процени нивната соодветност, но и мотивацијата за служба во војската.
Иако сè уште не е можно да се извлечат какви било заклучоци од одговорите, Писториус рече дека политиката „се движи напред“. Министерот останува уверен дека ќе може да регрутира 20.000 нови војници волонтери за воена служба до крајот на годината.
„Убеден сум дека ќе успееме“, рече тој пофалувајќи ги напорите за регрутирање минатата година.
„Во 2025 година регрутиравме над 25.000 нови војници. Тоа е зголемување од 23 отсто во однос на претходната година и најдобар резултат за регрутирање во последните 12 години, вистински пресврт на трендот“, објасни Писториус.
февруари 4, 2026

