Connect with us

Свет

Протест на приватните лекари во Париз против „авторитарниот пресврт“ во здравството

Лекарите од приватната пракса денеска организираа протест во Париз на повик на сите свои синдикати, со цел да го осудат, како што наведуваат, „авторитарниот пресврт“ во здравствениот систем, соопшти синдикатот „Млади лекари“.

Сакаме да ја браниме својата слобода“, изјави Франк Девулде, претседател на Француската конфедерација на синдикати на лекари (ЦСМФ), објаснувајќи дека целта на мерките што го предизвикаа бранот незадоволство била да се ограничи приватната пракса преку даноци, ограничувања и казни“, пренесува телевизијата БФМ.

Претседателката на синдикатот на лекари по општа пракса, Ање Жианоти, додаде дека во Франција потребите за здравствена заштита растат, додека средствата опаѓаат, што доведува до несклад и авторитарни политики.

Протестот се одржува во рамките на штрајкот кој трае од 5 до 15 јануари, а врвот се очекува на почетокот на следната недела, кога бројни приватни клиники делумно ќе ги затворат операционите сали или ќе ги намалат активностите.

Знак за напрегнатоста е и фактот што синдикалната координација вчера одби состанок понуден од министерката за здравство Стефани Рис. Поединечни членови, вклучувајќи го и д-р Жером Марти, претседател на УФМЛ, побараа следната недела да се сретнат со францускиот премиер Себастијан Лекорну.

Уште минатата есен, лекарите успеаја да избришат некои спорни мерки од почетниот нацрт-буџет за 2026 година, вклучувајќи го дополнителното даночно оптоварување и обврската за водење персонализирани медицински картони (ДМП). Сепак, во конечниот текст остана можноста директорот на Здравственото осигурување еднострано да ги одредува медицинските тарифи во одредени случаи, како и да се намали максималното траење на првото боледување на еден месец.

Лекарите се противат и на други мерки кои моментално ги разгледува Парламентот, како што е можноста да им се наметне намалување на препишувањето лекови доколку тоа е значително поголемо во споредба со нивните колеги. Овие одредби се дел од законот против социјални и даночни измами. Лекарите стравуваат и од идни ограничувања при изборот на место за отворање ординација.

Министерката за здравство оваа недела испрати две писма до синдикатите во обид да го обнови дијалогот, ветувајќи, меѓу другото, дека нема да користи еднострано одредување на тарифите.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 5