Свет
Белгија под снег, мраз и жолт метеоаларм
По бурата „Горети“, која донесе обилни врнежи проследени со силен ветер и кршења на дрвја и предизвика други материјални штети, Белгија денеска е во фаза на жолт метеоаларм.
Белгискиот Кралски метеоролошки институт, утрово прогласувајќи го жолтиот метеоаларм на целата територија на државата, предупреди на опасност од лизгави патишта и им порача на возачите внимателно возење.
Во реонот на От Фање, долж границата со Германија, утрово се измерени минус 12 степени Целзиусови. Според Институтот во делови на земјата, пред сè во планинските реони на југоистокот снежната покрива достигнува и до 30 сантиметри.
За до попладнево се превидува престанок на врнежите на целата територија на земјата, но студениот ветер и ниските температури може да предизвикаат задржување на мразот и снегот и во наредните денови.
За попладнево се најавува суво и студено време со температури од минус 5 во планинските региони, преку минус 3 и минус 2 во централните континентални реони до 1 степен во крајбрежјето.
Во текот на ноќта се очекува разведрување, но и пад на температурите кои ќе се движат од минус 12 до минус три степени.
За утре се предвидува облачно време со повремени сончевите периоди. За утревечер и во текот на ноќта се предвидени врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во текот на следната недела, но ќе донесат и значително потопло време со максимални температури и до 10 степени Целзиусови.
јануари 10, 2026

