Култура
Промоција на романот „Повторно роден“ на авторката Марина Шикова – Димовска
Во Охрид синоќа беше промовиран романот „Повторно роден“, најновото книжевно дело на авторката Марина Шикова – Димовска, во издание на ПНВ Публикации од Скопје.
Романот е инспириран од вистинска животна приказна и обработува теми поврзани со лични искушенија, внатрешни превирања, пороци и покајание, но и надеж и духовно воздигнување. Според авторката, делото има сопствена тежина, но е напишано на едноставен и разбирлив јазик.
Шикова – Димовска изрази задоволство од одржаната промоција и од присуството на публиката, заблагодарувајќи се на сите кои дале поддршка во процесот на создавање на книгата. Таа изрази надеж дека романот ќе го најде своето место кај читателите.
Марина Шикова – Димовска е дипломирана на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Нејзини раскази се објавувани во повеќе книжевни списанија, а застапена е и во збирката „Интимно со пандемијата“ (2021). Авторка е на збирката раскази „Приказни од кујната“ (2022), збирката раскази за деца „Езерото ми раскажува“ и поетската збирка „Мое место“.
декември 23, 2025


