Регион
Над 2.000 сообраќајни прекршоци регистрирале паметните камери на булеварите во Атина
За само четири дена, пилот-системот со поставени осум паметни камери на осум централни булевари во областа Атика, поширокиот регион на Атина, регистрирале над 2.000 сообраќајни прекршоци, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од Министерството за дигитално управување на Грција што ги пренесуваат грчките медиуми, над 1.000 прекршоци се однесуваат на употреба на мобилен телефон и неносење појас, околу 800 се за возење со поголема брзина од дозволените 90 километри на час, а 480 за поминување на црвено светло.
Минатата седмица во осум области со висок ризик во Атика, по предлог на грчката полиција беа поставени првите камери со вештачка интелигенција, а мрежата се очекува да достигне до 2.500 паметни камери, од кои 500 ќе бидат поставени на автобуси од јавниот превоз.
Камерите ќе регистрираат сообраќајни прекршоци како што се поминување на црвено светло, пребрзо возење, некористење на појас, користење мобилен телефон при возење, како и возење во лентите за итни случаи.
декември 23, 2025


