Connect with us

Регион

Илјадници Бугари и синоќа протестираа против корупцијата, бараат фер избори и независно судство

Десетици илјади лица синоќа излегоа на улиците на главниот град Софија и другите градови во Бугарија за да бараат фер избори и независно судство кое може да се бори против широко распространетата корупција.

Овие демонстрации следеа по протестите од минатата недела предизвикани од плановите на владата за повисоки даноци и зголемени владини трошоци. Потоа владата го повлече контроверзниот буџетски план за 2026 година, но на крајот ги исполни барањата на народот да поднесе оставка.

Најновите настани ја оставаат Бугарија, која е во ЕУ од 2007 година, без буџет за следната година и без редовна влада, непосредно пред да се приклучи на еврозоната на 1 јануари како 21-ва членка и да го воведе еврото како средство за плаќање.

Се очекува претседателот Румен Радев да назначи привремена влада и да одреди датум за предвремени избори, што ќе бидат осми по ред од 2021 година.

Демонстрантите синоќа бараа слободни и фер избори, а не компромитирани со манипулација на гласачите, купување гласови и фалсификување на изборните резултати како во претходната кампања.

Во центарот на фрустрациите на демонстрантите е улогата на бугарскиот политичар и олигарх Делјан Пеевски, кој беше санкциониран и од САД и од Велика Британија и чија партија Алијанса на права и слободи ја поддржа коалицијата предводена од партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2