Регион
Србија нема да учествува на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и владата да не трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на фактот што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Андреас фон Бекерат, изјави дека желба на ЕУ била претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да биде на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брисел, додавајќи дека во изјавата на Вучиќ дека нема да присуствува на Самитот имамногу важна порака дека, додека тој е претседател, Србија ќе го продолжи својот европски пат.
Кога станува збор за отворањето на Кластерот 3, Фон Бекерат рече дека Европската комисија веќе потврдила во 2021 година дека Србија ги исполнила техничките критериуми, но дека одлуката е на земјите-членки.
Јасно е дека земјите-членки, Советот за општи работи не можеа да постигнат договор и дека таа одлука ќе биде преиспитана во јануари и врз основа на понатамошниот напредок во реформите, објасни тој, повторувајќи дека станува збор за конкретни резултати во владеењето на правото, независноста на обвинителството, изборната реформа, спроведувањето на препораките на ОДИХР, слободата на медиумите и слободата на изразување.
Претседателката на Парламентарниот комитет за европски интеграции, Елвира Ковач, нагласи дека оваа среда е тежок ден за Србија кога станува збор за процесот на пристапување, алудирајќи на заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ да не се отвори Кластерот 3 во преговорите со Белград. Станува збор за фактот дека не ги почитувавме санкциите против Русија, рече Ковач.
Србија во последен момент го откажа учеството и на синоќешниот настан „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци …“, одржан во Брисел под покровителство на еврокомесарката за проширување Марта Кос на кој останатите земји од регионот ги претставија своите вина и традиционална храна, а според извори во ЕУ, има најави дека Белград би можел да се повлече и од европската иницијатива „Зелени ленти“, чија цел е забрзување на трговските и транспортните текови преку границите меѓу земјите од Западниот Балкан.
декември 17, 2025


