Connect with us

Регион

Герапетритис: Важно е да ѝ се даде нова динамика на европската перспектива на Западниот Балкан

Како и на нашата неодамнешна средба во Виена, во рамките на Групата пријатели на Западен Балкан, ја поддржав важноста да ѝ се даде нова динамика на европската перспектива на Западен Балкан, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија Елиса Спиропали, посочувајќи дека „проширувањето сите го препознаваме како геополитичка неопходност за Европската Унија“, јави дописничката на МИА од Атина.

ЕУ перспективата на регион беше една од главните теми на средбата на двајцата министри, а Герапетритис потсети дека со Солунската агенда во 2003 година, Грција ја промовираше идејата за интеграција на Западен Балкан во европското семејство, а сега 22 години подоцна земјата „и понатаму останува сила што го забрзува процесот во оваа насока“.

– Подготвени сме, имајќи го предвид и грчкото претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, да преземеме иницијативи за забрзување на европскиот пат на Западен Балкан. Убедени сме дека интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство претставува единствен начин за создавање средина на мир и безбедност во регион со долга историја на поделби и конфликти. Ќе придонесе и за надминување на опасностите што произлегуваат од нелегитимни надворешни интервенции, како и од повторното оживување на стереотипните перцепции и застарениот националистички и ревизионистички дискурс, елементи кои не придонесуваат во градењето доверба и добрососедски односи, нагласи Герапетритис.

Уште еднаш повтори дека Грција останува доследна на својата позиција за приближување на Западен Балкан кон Европската Унија, „врз основа на индивидуалните достигнувања и реформите“.

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија упати благодарност до Герапетритис и до Атина за поддршката на европскиот пат на Тирана кон Унијата и посочи дрка за време на грчкото претседателство со ЕУ во однос на Западен Балкан, „Грција ќе има функција на возрасни лице во просторијата“

– Очекуваме од Грција да ја искористи својата политичка тежина за да ја промовира идејата за заеднички европски простор, каде што нашиот регион ќе се третира како единствена стратешка граница. Грција, како регионална економска сила, останува многу важен стратешки партнер, посочи Спиропали.

Шефовите на дипломатиите, разговарале и за билатералните односи за продлабочување на соработката во повеќе области, за грчкото малцинство во Албанија и албанската заедница во Грција итн.

Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија беше примена и од грчкиот претседател Константинос Тасулас. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2