Регион
Блокада во Советот на министри: Нема напредок на БиХ кон ЕУ
Обидот на Советот на министри на БиХ во последен момент да донесе одлуки и законски предлози потребни за отворање на пристапните преговори со Европската Унија пропадна денеска, откако министрите од партијата на Милорад Додик го урнаа дневниот ред, поради што седницата воопшто не се одржа.
Советот на министри требаше да ја усвои одлуката за воспоставување канцеларија на главниот преговарач, како и предлозите на законите за судовите и за Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС), за тие итно да бидат упатени во Парламентот.
Овие закони се услов на Европската комисија за Европскиот совет на 17 декември да донесе формална одлука за почеток на преговорите – процес за кој начелна согласност беше дадена уште во март 2024 година, пренесува Хина.
Иако роковите истекуваат, двајцата министри од Сојузот на независните социјалсдемократи (СНСД) одбија да гласаат за предложениот дневен ред. Министерот за надворешна трговија Сташа Кошарац тврдеше дека документите најпрво требало да ги разгледаат институциите на Република Српска.
– Нема да дозволиме пренос на надлежности, изјави Кошарац.
Другите министри ваквото однесување го оценија како намерна опструкција на европскиот пат. – Ова е ден кога СНСД ни ја украде Европа, изјави министерот за транспорт и врски Един Форто, обвинувајќи ја партијата на Додик дека целата измината и оваа година ги блокира реформите.
Форто дел од вината ѝ припиша и на ХДЗ БиХ, која не била согласна да се именува нов министер за безбедност од редовите на опозицијата во РС, по смената на досегашниот министер Ненад Нешиќ поради корупција.
Одлуките во Советот на министри се носат по сложени правила, при што мора да гласа најмалку еден министер од секој конститутивен народ. Со само двајца министри, СНСД моментално ја држи целосната контрола врз работата на Советот.
Претседателката Борјана Кришто изјави дека направила сѐ што е можно за да се постигне напредок. – Секој треба јасно да каже дали е за европскиот пат на БиХ, побара Кришто.
декември 3, 2025

