Вести
Адем Чучуљ едногласно предложен за претседател на ДКСК
Адем Чучуљ, дипломиран правник со положен правосуден испит ќе биде предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата до Собранието за нов претседател на Државната комисија за спречување и корупција. Комисијата за селекција на кандидатите за претседател на Антикорупциска за Чучуљ дале највисоки оценки, па, така тој доби 96,5 бодови. Чучуљ е актуелен генерален секретар на Државната комисија за спречување и корупција и таму работи веќе 19 години.
Комисијата за прашања и избори и именување едногласно ја донесе одлуката на Собранието да му се предложи Чучуљ да биде претседател на Антикорупциска. Според информации од Собранието, пленарната седница на која треба да се гласа оваа Предлог-одлука ќе се одржи на почетокот на декември.
Според Комисијата за селекција на кандидатите, Чучуљ покажал значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК.
Огласот за пријавување кандидати за претседател на Антикорупциската комисија беше објавен уште летово, но постапката беше времено прекината поради локалните избори.
Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот на Собранието за избор за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), селектирани беа 10, а интервјуата со нив почнаа во вторникот.
Антикорупциска ќе добие нов претседател на местото на Татјана Димитровска која поднесе оставка, откако беше обвинета во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа на лице обвинето во случајот „Адитив“ му пренесувала информации од предмет кој за него се водел во Антикорупциска. Дополнително, одговара и за фалсификување на сертификат за државна тајна, бидејќи во нејзино име, друг го полагал електронскиот испит.
ноември 21, 2025

