Вести
Вадефул: Македонија веќе постигна многу, Германија ја поддржува на патот кон ЕУ што не секогаш е лесен
Тука во Скопје перспективите на идното пристапување во ЕУ се голема тема. Германија ја поддржува Македонија на овој пат, којшто не е секогаш е лесен.
Ова во стори на својот Инстаграм-профил го објави шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул, по средбата синоќа во Скопје со својот македонски колега Тимчо Муцунски.
– Северна Македонија веќе постигна многу. Сега, напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да се постигне натамошен успех во процесот на пристапување – додава во објавата германскиот министер за надворешни работи, кој вчера беше во прва официјална посета на земјава во рамки на неговата балканска турнеја.
Ведефул исто така потенцира дека Германија и Македонија одржуваат блиски врски.
– Речиси 30 проценти од учениците во земјата го изучуваат германскиот јазик – објави германскит министер.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски објави дека со неговиот германски колега ја потврдиле заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
– Посетата на шефот на германската дипломатија на земјава претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот и уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава – истакна Муцунски.
Како што синоќа соопшти МНРиНТ, Муцунски се заблагодарил за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информирал министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.
Министерот Вадефул уверил дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласил дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа, додаваат од МНРиНТ.
Вадефул претходно вчера се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, на која станало збор за тековните регионални предизвици и можностите за заеднички иницијативи.
– Денеска остварив средба со германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул. Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи – се наведува во објавата на Фејсбук на премиерот Мицкоски.
ноември 19, 2025

