Забава
Во Шведска реконструиран лик на жена од пред 4.000 години
Користејќи глина, 3-Д печатач и посебни техники, шведскиот археолог Оскар Нилсон го реконструираше изгледот на жена од пред 4.000 години.
„Жената од Лагмансерен“, како што се нарекува скелетот од предисторијата, најден во Шведска, којашто се смета за еден од најстарите пронајдени во земјата, повторно го доби своето лице благодарение на вештините на археологот Оскар Нилсон и новата технологија. Имено, за потребите на Музејот „Вестернорланд“, по повод изложбата што опфаќа распон од 9.500 години човечки живот и населби во Шведска, археологот го реконструираше изгледот на оваа жена од камено доба. Кога почнал да ја реконструира главата на женскиот скелет, знаел дека таа е прилично ниска, со испакната вилица што ѝ ја обликувала устата на необичен начин, ниско поставени очи и асиметричен нос, објави „Нејшнал џиографик“ (National Geographic).
Изминативе 20 години, како пионер во реконструктивната археологија, Оскар Нилсон го пресоздал изгледот на повеќе од сто луѓе кои починале во далечното минато.
Бидејќи не можел да извлече ДНК од коските на скелетот за да ја открие бојата на косата, кожата и очите, Нилсон користел историски податоци… Имено, се претпоставува дека жената од камено доба живеела во време кога првите седентарни земјоделци преминале во Скандинавија и почнале да се мешаат со преселничките групи ловци. Така, шведскиот археолог претпоставил дека жената имала светла кожа и темна коса.
Реконструкцијата на лице е тешка задача, па Нилсон почнал со нанесување на „мускулите“ направени од глина нанесена на 3-Д печатена реплика на черепот на жената од минатото. Користејќи специјални штипки, тој ја означил длабочината на ткивото, што зависи од полот, возраста, тежината и етничката припадност. Иако денес, благодарение на најновата технологија, може да се откријат многу информации за некоја личност, дури и ако живеела во камено доба, изразот на лицето што ќе го има репликата на одредена личност зависи исклучиво од археологот и неговата уметничка вештина.
– Морам да оживеам лицево од древното минато, за да добиете впечаток дека овој лик, всушност, Ве гледа. Сепак, и тука не треба да се претерува – на пр., покажувањето изразени емоции, како што се лутина и страв, е строго забрането, објасни Нилсон.
Нему му беа потребни речиси 15 дена за да го создаде изгледот на жената Лагмансерен. На крајот од својата работа, тој ја облече жената во штавена животинска кожа, со косата врзана во пунџа „за да не ѝ се заплетка додека се движи низ шумата“, и ѓердан направен од птичји канџи.
Скелетот на жената од праисторијата, е најден пред околу еден век во североисточна Шведска. Во гроб обложен со камен во средината на шумата, биле откриени два скелета – на гореспоменатата жена и на момче кое починало на околу осум години. Се претпоставуваше дека станува збор за мајка и син кои живееле пред околу 4.000 години. Нилсон вели дека, иако сакал да го исцрта и лицето на момчето, неговиот череп бил премногу оштетен за таков потфат.
ноември 18, 2025

